Сет Мајклсон – Американско клише

Телото му е слабо, само роговите
на ракот пркнале од градите
како трња кои стрчат од стеблото
на старецот, вљубен цел живот во ружи.
Па така, секое утро ги полева
и им шепоти, кревкото тело
свиткано доземи: радосна служба која цути
во розов-обели црвени огномети.
Откако ќе ги разгали, скока
во својот златен кафез, се вози до работа,
тиит-тиит!, двочасовен аџилак
до кој религиозно се држи. Мора,
оти ако не ќе загуби: работа,
здравствено, хемотерапија,
а, сепак, трга среќен на работа,
сонце го грее однатре, немата молитва на ружите
му тлее на усните:
сладок мирису, намаз од нектар
на чудесниот клун на колибрито.
Сетики насмеан, макар заглавен во метежот,
моторите и соседите прегреани,
а тој се надева, кроце, ружите да
бидат нечиј оброк: еден елен или три
да се спуштат од гората и да заскитаат
во неговиот двор, газејќи преку
лажните граници со меките копита
додека ги брстат паднатите цутови,
мини свилени гозби, поскури за
причест на гладни јазици: бог
кој се раствора во усти
гладни да вкусат и да видат дека земјата е добра,
дури и да е посипана со срчи, со
распарчената убавина која е насекаде.

mk_MKMK