Сириски имигранти насукани на карпите
на Лезбос каде Сафо поеше Не ми го крши
срцето со жестока бол, стих
кој ми се врти во главата
додека се будам од операција на окото:
меката белина на десната сфера
зјае пресечена и тече:
болничка соба во црвена коприна
дур се мачам да изнурнам
од мрачните води на анестезијата
слушајќи ги вестите на радио:
мексикански имигрант збори на шпански
од овоштарник во Пенсилванија:
a mi me gusta la vida [1], берење јаболка:
десет часа на ден, шест дена во неделата,
не запирам ни да мокрам,
es mi vida [2], О, ти блескаво овошје,
бербо од сништата; застани за миг, драг читателу,
и крени јаболко кон небото додека не заблести:
сочно и алово, вдомено сигурно
во светот на твојата дланка, тоа што некогаш
припаѓаше на берачот сега е твое: сладост
откината за да постои,
потоа наредена и продадена од селани
во фланелски кошули, со калливи чизми,
кошници што истураат на маси крај патот,
јаболка што бликаат како крв од отворена рана,
како имигранти чиј сплав го превртел
бесен бран, очи заслепени
од чемерната пена, две тела
проголтал веќе солениот вител,
други уште се препелкаат во ледената шир,
јачат од болката
на потоната преселба,
надеж распарчена ко нивниот сплав,
а Мексиканецот имигрант баш тогаш вели
lo que te llevas contigo
es solamente lo necesario [3],
со јасен глас чиниш е до мене:
бере јаболка од држачот за инфузија
и фрла една по една пламена сфера
во дрвениот кош спроти мене: плодови
го параат просторот меѓу нас,
црвени траги на небесната пареа,
црвени како првиот засек на хирургот,
погледот ни е преплавен од глетки,
затоа, прегладнет читателу, набери јаболко
и столчи го меѓу забите: неговиот сок е
наша молитва која надоаѓа во твојата уста,
покана за нова надеж.
[1]„Ми се допаѓа животот“.
[2]„Таков е мојот живот“.
[3]„Со себе земаш само тоа што е неопходно“.