Светот е основна единица на чудото,
едно суштество кое излегува од средината на нозете на една жена
која само што не умира од болка,
ова е страшно чудо,
сите луѓе се парченца од чудото
засадени во одгледувана земја
еднаш од ѓаволот еднаш од Бога,
нивното чудно срце има отчукувања
бескрајно неуспокојливи,
отпорот е чудна идеја,
комунизмот е чуден како и
некогашните диносауруси,
црвената демократија, исто така,
потоа и Приштина е чудна
со толкава неексплодирана бомба на гнев,
Лондон е чуден,
Париз е чуден,
Варшава е чудна жена,
Мадрид е чуден,
Истанбул е чуден,
Москва е чудо,
сите Америки на овој свет
се чудни,
вљубените се чудни
кога плачат и се тепаат меѓу себе со тупаници
кога се касаат меѓу себе во тилот,
ова е чудно,
слободата е душа на едно чудо,
канибалите се чудни,
новороденчињата кога плачат се чудни,
мојата сакана е чудна,
мојот кур е книжевно чудо,
војната е чуден договор,
Сиксто Родригез е чуден старец,
Фадил Бајрај е чуден,
владите се чудни
како и државите и како
исчезнатите народи и сегашните народи,
поемите се клето чудо
како што клетниците се
поетско чудо,
кучињата се верно чудо
како што е верноста
пцовисано куче,
кокошкините јајца се чудни,
мислата за јајцето е чудна,
славата е почудна од судбината,
судбината е почудна од славата,
љубовта е еден чуден гулаб
бракот е чуден мир,
минатото на секој човек е чудно,
сегашноста на секој човек е чудна,
иднината е последното трагично чудо,
божиќните празници се чудни светлини
религијата, сепак, е чудно верување,
Силвија се самоуби во 1963 година
затоа што не можеше да ја трпи оваа состојба,
се самоуби и потоа сфати
дека самоубиството
е, исто така, чудно,
зад себе остави две деца и еден чуден маж,
мечтателите се почудни од нивните ноќи,
брегот на лајната е чуден,
мозокот на бубачката е чуден
заедно со коските на мајмуните,
дождот кога врне е чуден,
земјотресите се потреси од чудо,
тенковите се чудна проекција,
смртта е круна на чудото,
сѐ е чудно,
сѐ е чудно
и внатре во ова чудно постоење
има еден длабок бунар
внатре во секого,
еден таинствен бунар
за жал,
чуден бунар.
Превод од албански на македонски: Линдита Ахмети