Шпетим СЕЛМАНИ – ЗА ЖАЛ

Ако си заклет демократ, те викаат прекален комунист,
ако си прекален комунист, те викаат валкан демократ,
ако си мирно животно, те нарекуваат расипан човек,
ако си релативно добар човек, те викаат грубо животно,
по секоја цена ти мора да бидеш како што те нарекуваат,
по секоја цена ти треба да бидеш тоа што тие гледаат во себеси.

Ако си роден мечтател, те викаат мртов спанко,
ако си разумен спанко, те викаат смешен мечтател,
ако си прогонуван атеист, те викаат побожен верник,
ако си верник со слабо здравје, те викаат дебел атеист,
по секоја цена ти мора да бидеш како што те нарекуваат,
тоа што тие гледаат во себеси.

Ако си ревносен поборник на власта, те нарекуваат револуционер,
ако си далековид револуционер, те нарекуваат инструмент на власта,
ако вистински националист, те нарекуваат старомоден патриот,
ако си вистински патриот, те викаат луд националист,
по секоја цена ти мора да бидеш тоа што те нарекуваат,
така како ти велат.

Ако си обичен лудак, те нарекуваат храбар мудрец,
ако си храбар мудрец, те прогласуваат за лудачки амблем,
ако си голем љубовник, те нарекуваат валкан курвар,
ако си застојан курвар, те прогласуваат за Ерос,
по секоја цена ти мора да бидеш како што те нарекуваат,
така било и така ќе остане.

Ако си лист на овошка, те нарекуваат црв во корен,
ако си црв во корен, те викаат Птица на гранка,
ако си сопственик, те викаат слободен,
ако си слободен те прогласуваат за нечија сопственост,
по секоја цена ти мора да бидеш тоа што те нарекуваат,
така било, мила моја, така
ќе остане.

За жал.

Превод од албански на македонски: Линдита Ахмети

mk_MKMK