ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА, БОМБАЈ
Црвената јакна на кулито*
делумно му ги сокрива
поцрнетите коски,
оние што си ја покажуваат судбината
под белите набори
на доти и турбан.
Ти скокнува со жабји скок
со електричен осет
за итност,
баш кога се сопнуваш
на сопствениот багаж.
Предрасудите диво
беснеат овде
збиени и тешки
во застоениот влажен воздух.
Ропството и трговијата
се лактаат за свое
место. Нема простор
за ситни љубезности.
Само сликите фатени
од вештите врвови
на самурини четки, што галат
рачно изработена хартија
и глазиран лак,
може да си дозволат
да ја удават тагата
во вода и бои.
*
ГРАДИНИТЕ НА ЛОДИ, ДЕЛХИ
Во оваа средновековна
гробница, една династија
ја чува избледената
благородност. Тревата, мазна
како пашмина шал,
тепих ѝ е на ровката земја.
Овде, под будното
око на мавзолејот –
сега сам од неупотреба –
млади љубовници си прават
свое место и
смисла за нова историја,
си лежат в раце еден кај друг,
тивки и вознемирени,
во мртвилото на топлината.
*
УДАЈПУР, РАЏАСТАН
На пустинските песоци,
маж и неговата жена
несигурно држеа рамнотежа
на велосипед здробен од немирите
им се посреќува возење –
неговата нестабилност
посигурна од секојдневната
коцка на самите нивни
животи. Единствена утеха
останува во невидливите
набори на ноќниот ветер,
оној што го брише дневниот
ôд, криејќи им ја приказната.
Во далечината, преку
затемнето привидение на стакло,
Удајпурското езеро ја отсликува
својата тивка судбина,
дури самракот ја бои во пастел
Рајпурската фасада на тврдината,
за малку да го разбере
сопственото минато.
*
алеја на брезите, лондон
Среде топлината
на студиото преполно книги,
завршените слики
викаат за да избегаат
од луксузната проѕирност
на силикат отпорните
стеги, самите нивни
од боја измиени вистини
што му пркосат на врамениот
нееднаков мат
на лакирано дрво.
Водените бои
по природа, се родени
да крвават –
да сместуваат тајни
кои недовршените слики
ги оставаат некажани –
да водат сметка за нашите
неизречени желби,
и несоодветниот
пурпур на крвта.
* кули (coolie) – назив за неквалификуван работник од Индија, Кина или друга азиска земја
Превод: Ана Топенчарова