Шудип Сен – ЅИДОТ НА ПЛАЧОТ, ПОВТОРНА ПОСЕТА

Ерусалим

Човечкото суштество
не е симетрично.
СРЕЧКО КОСОВЕЛ
1.
Нежно те допирам сега
не како што те допрев
пред единаесет години –
 
не со тој копнеж
за вера  и мир,
но со приватна молитва
 
за внатрешна тихост, грижа
спокој; и
за прошка и љубов.
 
Блескавиот од раце излитен
сјај на Ерусалимскиот камен,
каде јавното се слева
 
со приватното,
каде молитвата и страста
се судруваат и обединуваат –
 
каде извесен вид
добрина се менува
во друг вид –
 
каде извесен вид
страст се менува
во друг вид
 
на желба. Ова е
благослов на времето –
единаесет години е цел еден живот.
 
2.
Додека повторно се обидувам
да испикам
парче  хартија од бележник
 
во пукнатините
и споевите на Ѕидот,
откривам
 
друга хартија
зад новата
што ми го попречува влезот.
 
Се обидувам насила да туркам –
што повеќе се обидувам
тоа поневозможно станува.
 
Во неуспех, сега се трудам
да ја извадам старата хартија
што ми ја спречува намерата,
 
го вадам тоа парче
и смислувам
мои сосема нови молитви –
 
но копнежот
на минатите години одбива
да ги потисне старите.
 
Го земам
старото здиплено ливче –
изгледа ветво
 
и пожолтено
како окерот на од сонце обоениот
локален камен.
 
Го отворам –
тоа е истото она
што го ставив
 
пред единаесет години.
Времето го сочувало
споменот,
 
ми ги сочувало желбите,
Бев ли истиот тогаш
каков што сум сега?
 
Беше ли чувството тогаш
поискрено
од сега?
 
Страста за живот
за некои не бледнее.
Нова љубов
 
како стара љубов
ги врамнотежува
своите вродени вистини.
 
Овде, војници со пушки,
аџии, деца
и мажи во црно руво –
 
се движат нанапред
и наназад –
нивните оски, половините –
 
симетрија
која им ја влева и нараснува
сопствената вера –
 
симетрија
кон која не можам да се надевам
да се стремам,
 
зашто сум
како човекот на Косовел –
несиметричен.
 
Превод: Ана Топенчарова