Слабо се сеќавам на чекањето на
автобусот кој вози до селото на мајка ми
или како го правевме летото поподносливо
чекајќи да фатиме воз до градовите.
Спомените наликуваат на запален фитил
од петарда што трпението ми го согорува.
Како некое окопнување кое го затнува
растечениот канал на моите спомени
чувам една слика од на риби,
јас, вујче, бато
и дедо – најсилниот од сите нас
кој ја држи трската.
Занесот сè уште почива во рамката,
но вујче и дедо веќе ги нема.
Рибите што ги уловивме дента
сè уште ми мрцкаат низ мисливе.
Езерцето сигурно ги чува
нашите одрази на безбедно –
длабоко во неговите води
уловени во доцната попладневна светлина.