Сузана В. Спасовска – СОН ОД ВЕЧНОСТА

Беа легнале да спијат
и длабоко сонуваа
како го изгубиле својот дом
Протерани некаде далеку
во непознат предел
Ништо од својата градина
не можеа да препознаат
ниту во мирисите на овошките
ниту во вкусовите на плодовите
Одеднаш жената стана
и сфати дека по долгата тишина
само со музика може да го разбуди
својот сакан
Коските расфрлани од мршојадите
беа доказ дека ништо
не виделе од меѓусебното истребување
Зеде една шуплива коска
и почна да свири низ неа
Сите скриени животни излегоа да ја поздрават
А таа само чекаше
кога нејзиниот сакан
ќе направи струни од нејзината коса
и ќе ѝ се придружи во веселбата
оти одново се дома

mk_MKMK