Татев Чакијан – ХОТЕЛСКИ ЛУЃЕ

Не можеш да размислуваш за саатите,
легната во постела која не е твоја,
ниту нечија,
оти секојпат се отвора
како празен лист хартија,
секогаш на нова страница.
И така –
хотелските луѓе немаат минато,
никој не им недостига,
не плачат,
не стареат.
Колку и да е тесно ходничето,
не поминуваат еден низ друг.
Никој никому не припаѓа.
Масата за појадок е богата со самотија,
поздрави со половина уста и промрморени ветувања,
никогаш да не се сетат еден на друг,
да се одминуваат по улици, непрепознаени,
ноќната префинетост на ѕидовите неизмамена.
В хотел, песните што растат
имаат век колку меур од сапуница,
краткотрајни се како шишенца од минибар
и прекинувани како рецепционерски насмевки.
Хотелските часовници покажуваат
дека ако Сега се стемнува тука,
тогаш сѐ уште е Вчера во друг град,
а во некој трет, Утре се брза за на работа.
Па каква смисла има тогаш
да се свртиш кон непозната димензија,
кај што си бестежинска,
кај што никој нема да те застрела в слепоочница?

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески

mk_MKMK