Тицијано Фратус – ГНЕЗДА ЗА ЛЕКИ ДУШИ

Кога ветрот минува низ твоите седи коси,
ги чистиш, низ лисјето и гранките,
овенатите цвеќиња и залутаните богомолки.
Редоследот има вредност на преродба,
ми повторуваш. Јајцата уште
не се снесени,
ама ги чекаш,
со денови,
штом
црешите ќе расцутат.
Ластовиците не се вратија дома,
тие вечни вртикапи без постојано живеалиште.
Го издолжуваме погледот
кон југот,
ги затвораш очните капаци
и го душиш воздухот, со врвот
од носот се допираме и се насмевнуваме.
Зборовите не се подаруваат без ништо за возврат.
Секоја најмала мисла има своја цена во часови-сон.
Одгледувањето на визијата изискува свежа вода
изворска. Корењето во потрага
по утеха копаат во сувото
море на земјата, и изнаоѓаат
реликвии откопани
од оние што биле тука,
предвремено,
време врз времето,
во исчекување на онаа иднина
којашто сега стана камен и мов.
Шамански присуства и докази за тишина:
Токму ние сме следните животни што ќе имаат крилја.

Превод од италијански јазик Наташа Сарџоска

mk_MKMK