Тицијано Фратус – ЗЕМЈА

Во
очите ги носиш
куферите на татко ти,
иселен меѓу иселениците
во една расцепена земја каде што зборовите,
често, трчаат наопаку.
Никогаш не научи да го читаш
неговиот прогон:
она што за тебе
е ред
во еден дом,
за него е неред
во една хотелска соба.
Неговите раце умеат да створат
стол, да пресечат врата, да дигнат
ѕид, и ако тој погледне во визба ќе пронајде
гнезда на шкорпии и стари прашини од времето
кога растел ко дете. А твоите светци пак не знаат
што да поправат. Постои парче земја
скриено на дното во џебовите,
за да потсети на она што било
претходно, што е возможно,
што постои без
нужда да
му се врачи
име
 
Превод од италијански јазик Наташа Сарџоска