Понекогаш, имам осет во градите
како некој да ми го фатил срцето во стиска
и везден го држи така. Не знам, дали некогаш
ќе се смилува да го пушти. Не е до мене.
Сум држел птица во дланка и ова личи исто.
Слободата не е отсуство на пречки
за добивање на работите што ги сакаме
туку чувство на леснотија и широчина
внатре во себе. Некои тоа го викаат среќа.
Срцето ни е здраво само кога не го чувствуваме.
Телото ни е здраво само кога не го чувствуваме:
рацете, нозете, главата, трупот.
Болките се свест за телесното постоење.
Има денови кога се живее
и денови кога се раскажува доживеаното.