Не море, туку задушлива магла, бетонски плочи
и парчиња железо, меѓу кои понекогаш нагоре
шприцнува кармин црвенина. Испреплетен со гнили алги
од морето гледа бранобран – скривница за галеби.
Некој гледа како песокот допира до теснецот, и чека
отаде, во гужвата од јарболи да згасне црвенината.
Тогаш ќе удри часот за одење дома. Но каде ли е неговиот дом?
Овде или на другиот брег на океанот? Во горите, каде лавините
ја соголиле падината? Под елките на предградието,
каде се гледаат остатоци од срушени визби? Во телото, што не младее
и не сака да се подреди? Можеби во двоумењето
дека си живеел? Во безилезот дека ќе те снема? Во ’рѓосаната
и затруена околина или во погледот, кој може овде
да најде согласие, созвучје и мерка?
1998
Превод: Дарко Спасов