Томица Бајсиќ – ДВАЕСЕТ И СЕДМИОТ ДЕН

На Мара, на дваесет и седмиот ден од твоето раѓање
Светлината и сенката: се одвојуваат …
А до пред 27 дена, беа едно!
Твоите црни коси очи сега ги бараат рабовите.
Родена во овој свет со ништо
Од опрема – толку си малечка што не си го знаеш
Ни своето име – сакаш да нè освоиш со таа
Насмевка на новосоздадено небо.
Каква е таа насмевка! Сите пчели од Алпите
И сите шумски огнови од Монголија
И сите 350 камбанарии во Салвадор и
Сите планктони во Атлантикот наоѓаат засолниште
Во небото на твојата насмевка искована на тајно
Место кое им е познато само на некои
Левитирачки светци.
Гледаш наоколу и на сè се чудиш, но
Морам да ти кажам дека во твоите црни очи
Стари десет илјади години сè уште
Може да се види одразот на она тивко езеро
Чија длабочина не може да се измери.
Мене тоа тивко езеро ми е најпознато сеќавање.
Научниците го викаат црна дупка во просторот
Некои го викаат вреќа со јаглен
А религиозните луѓе – тие тоа езеро го нарекуваат Дух.
На тоа тивко езеро твоите црни очи
До неодамна беа две индијански кануа
Што безгрижно веслаат по бескрајот на вселената.
 
Превод: Никола Кукунеш

mk_MKMK