Јас сум патник со куфер полн чад
го носам како куќарка за да ми го чува домот.
Одвреме-навреме го отворам
за да ги видам пријателите пакувани уредно под
конец
Патник сум со куфер полн црвен чад
ги разнесувам спомените и очекувањата
секаде по малку и оставам фенери
да не изгасне сеќавањето
да не исчезне споменот.
Патник сум во место
заглавен во минатото
изморен од зборот
растрчан по мислата.
Куферот ми го голта чадот
и ја чисти внатрешноста
за да видам подобро
за да спознаам полесно
Мојата куќарка е голема
со порта ширум отворена и окно притаено
добродојдени се и непоканетите
поканети се и оние без куфер.