Васко Граса Моура – Ars Poetica

да го обликуваш светот, врските на близината
помеѓу живото и неживото, во точниот интервал
на нивната несреќа што стега. да го најдеш она што те води
кон давање на тој одмерен акцент на зборот, или кон негово
одземање,
или ако милуваш, премерување на зборот
во името на она што си го читал, на оној што го сакаш,
на оној за кој очајуваш, на едно единствено искуство
во испреплетеноста на сенки и гласови.
техниката, техниката дури до нечистотијата од молк и бучава.
така ќе го соблечеш она што и самата голотија,
сама по себе, не го има, освен ако не ја возвишиш низ
твоето страдање. поезијата открива неочекувани
неостварени средби кајшто се обликуваш самиот себе,
зборуваш за своите илузии, она што ти фали до коска.
губењето на илузии не е ништо друго туку
симулацијата на одвај виден ред и негово зачувување
во отсуство или во тага. сè е тоа исто.
срцето на песната е нејзиниот механизам
а нејзиниот механизам може да биде само твој изум
и само ти можеш да го продвижиш така што секој
ќе се пронајде себеси и таму
си го најде својот дом, си завземе
свое место, си го мери
своето време, си го чува, со тебе,
своето болно срце.