Виолета Танчева – Златева – ДЕТИНЕСТИ

Уште трошка зелена будалштина ни фали
за да ја прогласиме есента за идеална сезона
за корнење на сите јалови соништа
Неопходни се нови сеидби и земјата мора
за нив да се подготви
За промена – стануваме мигум неодговорни
Само мигум, колку да видиме како изгледа тоа
па ги оставаме отворени своите книги недопишани
и решаваме да не одиме во банка
за нов извод на старите сметки
Нека се одморат од нас
и шалтерските службеници и хонорарите
Ние секако сме навикнати да работиме од ентузијазам
и да живееме од љубов
Згора на сè, стануваме и детинести
Му се препуштаме на градот
да ни ги полни очите со своите гротескни слики
и се трудиме да заборавиме
дека сме дел од племето навредени
Седнуваме крснозе сред синилото на паркот
ги вадиме од џеб превитканите хартии
со нашите последни песни
и ги оставаме зборовите да одлетаат
и да се закачат како листови на оголените гранки