Никој не знае каде
точно завршува едното
а каде почнува другото море
ни каде е границата
во која се мешаат
нивните топли и студени струи
мали и големи
(опасни и безопасни) риби
Никој не знае кое од нив
побрзо ја менува бојата
(на изгрејсонце и зајдисонце)
ни во кое од нив
е подобро да нуркаш
а во кое да им
се препуштиш на брановите
Не се знае ниту дали
потопените бродови и подморници
биле погодени во едното или во другото море
Ниту во кое од нив исчезнале
повеќе рибари и морнари
Ниту од кое од нив секојдневно си земаме
повеќе морски плодови
Не знаеме кое побрзо ги зацелува нашите рани
кое побавно го забораваме кога одиме дома
кое побрзо ги бистри нашите мисли
кое побавно ги урива замоците од песок
кое побрзо ќе ни ја даде
и последната грутка сол
кое побавно ќе ја пушти и последната
морска ѕвезда да му
се врати на небото