Звонко Карановиќ – BURN, BABY, BURN!

Никој не сака да го купи
моето совршено лице
мазните страници од увозните списанија
кои ги собирав и ги чував
за потпалување оган
кога снегот
ќе ги затрупа прозорците
моите очи се викаат досада
на улиците кои се студени ова лето
мојата мајка е долгометражен филм
кој ќе го заборавам
штом ќе ја затворам вратата
потребно ми е
внимание
баш како и на уметниците
децата и криминалците
твоите густи веѓи
твоите боси нозе
бенката над горната усна
о, Синди
ти си само див копнеж
од улицата во која никогаш не паѓа снег
верноста е есенција
која не може да се досегне
сеќавањата не се доволни
за годините залудна борба
освен за Пепелашка која ја носи вител
во хромиран ковчег
ја исеков кожата со жилет
зашто ита во старост
и ме остава
во оваа
младост
која не поминува
 
преведено на македонски: Игор Исаковски