Ова самотно момче, со тиквеста глава
Oстрижено до нула
Што клечи на влезните скали на зградата
Ова што си зборува само со себе

И повторно: ова исто момче што сè уште клечи
Напуштено од сите, и од другарите
Со некој жиг — краста на челото
Налик на поништена поштенска марка

И уште еднаш: овој што се наведнува над самиот раб на плачот
Додека самракот посипува преку земјата црни струготини барут
Не можам да го разберам како татко
И зошто досега никогаш не најде дека е соодветно
Да зајакне пред мене и да стане нескршлив дрен

Но, како син, го поздравувам, восхитено
Што ми помага неговото татковско цимолење да го задржам за себе
И со него да ги исполнам сите празни дупки во годините
И, притоа, низ своите истрошени заби
Го провлечам она ѕверско шиштење подготвено да скокне
На секој кој ќе го клоцне за да се мрдне или да стане
И да го ослободи преминот за влез и излез од зградата

Макар што не можам ниту јас целосно да го разберам
Неговото милозливо убедување дека е време да попуштам во инаетот
Барем јас, старо дртало, да не спречувам ниту препнувам
Кого и да е од станарите, кога сака да го прескокне и попатно клоцне

Зашто, како поинаку да останам прикован на влезот на зградата
Каде што секое второ семејство е ослободено од новите, победничките
А не сум бришач којшто историјата го резервирала за седење на
поразените
Отстранувајќи им ги дури и чевлите за што побрзо да им се излижат
табаните!