Лежам веднаш до морето. Смртно е неподвижно, освен невидливите нечујни бранчиња што ги плиска водата додека дише. Нема месечева светлина, но не е црна темница.

 

Ме бакнуваш секаде – секаде, со часови и часови и часови. Усните ми се суви, телово закорено од сол. Го изеде секое тровче задоволство, твое и мое. Се чувствувам прежеднет, сув, и покрај сето изобилство вода и телесна пот.

 

И песокта се поти под нас. Секое зрнце го памти секој бран, секој галеж, оставајќи зад себе само сол, сребрен слој сол како подарок – талисман на љубовта, на нивните непостојани средби.

Се чувствувам прежеднет како газа во морска сол. Јазиков ми е прежеднет и покрај твојата плунка од лаванда, плунка која се смени од тој букет во вкус на врес, див, од ветрови опустошен врес.

Наоколу барам светлина, но гледам само отсјај. Повеќе убавина има во овој поглед од втора рака – темното светло на небото ти зрачи во клепките,  сината светлост од водата ти се крие во папокот, зрнестата  светлина на плажата лежи неизбришана на твоите пупки, а внатрешната светлина на светлината ја чуваш во зениците.

Морето станува немирно. Но јас сум смртно неподвижен, освен нечујното шибање што може да се чуе само ако се добереш до срцево.

Ми треба да ја вкусам зрнестата светлина во која си ја завила кожата, секое едно зрнце што ги сочинува бавните намерни контури на твоето тело.

 

Превод: Ана Топенчарова