Ме викаш по телефон, истура од слушалката: враќај се!
Итно е, никогаш поитно, мафни ги сите работи, ме слушаш ли!
Снајди се, како знаеш и умееш, околу превозот, стопирај!
Се дозна: не си дипломирал, не си ја предал матурската работа
А комисијата чека само на тебе, утре е последниот ден

Како тоа не сум дипломирал и тоа уште во минатиот век
Како тогаш сум стигнал во Бгд. На студиите по литература
Да ги дробам по нивите реалистите, да им терцирам на небесните
симболисти
Да ги чистам, кога ќе притреба — и со рацете, напуштените штали на
надреалистите
Да не би некој друг имењак, место мене, да ги објавил сите овие песни и
книги

Во меѓувреме, неколку пати се женев, јавно и тајно
Практикував лаење на сенки, скитав, бев апсен, проверуван
Бев уценуван за килограм компири, бев подметнуван да бидам динамит
Посеав по градските квартови цела градинка со деца
Станав старче, оглувев, ме мачи, како и тебе, простатата
Боже мој, татко, што ти е тебе, чуј, не сум дипломирал! И тоа со петка

Извини, ми вели тој, но тоа ми се случува секогаш спроти задушница
Кога ќе се разбудам и ќе се вратам дома, и ќе видам дека те нема,
и никој не знае каде си
На масата сè уште стојат твоите учебници, тетратки и моливи
Во воздухот се чувствува мирис на никотин, повторно си се дрогирал
Иако сме се договориле дека ќе запреш, здравјето ти е кревко
Извини што те вознемирив, моја вина, сакав само да те видам

Извини и ти, му велам, а потоа му објаснувам
Како и мене истото ми се случува кога, стреснат од неговиот глас,
К