пак во еден ден се бразди нешто неочекувано
под линијата на хоризонтот
нервозно ветре го затемнува
лицето на сонцето

облакот минува таму
со гробот на една отсутност
се слушаат забите на ништожноста
преживајќи ја сенката само на едната страна

во сржта на сржта се заседнува спротивноста на сржта
како клопец од набабрени цифри
нешто што го надминува сфаќањето на твојот ум
претполага и се премислува

корените на чинарите продолжуваат да го ораат
градот одоздола воздухот како да е ставен на прозорецот
да ја демне неподвижноста на внатрешноста

ехото ја корне муцката на кучето при самото лаење
вечерта мириса на животно
студот бега штом човекот си ја вади раката од џебот
смртта се обидува да се спаси од залихите

Превод од романски јазик Димо Димчев