со најтивки чекори и задушен здив
мракот се плаши од детето дома
крајната соба го демне можното будење
невидливоста се маскира со течни сенки

големото далечно лице продолжува да биде
неговата овдешна опачина

се задржува истиот заговор на леснотијата
која до устата ја носи лажицата

тревите се трудат да ја разделат сенката од мракот
на неодлучниот раб меѓу сегашниот миг и неговиот мирис

на располагање ми се неколку секунди во плацентата на заборавот
и еве ме роден со првиот посмртен крик

Превод од романски јазик Димо Димчев