На третата недела
тој монтира округло огледало на таванот од дневната соба,
го остави Тукидид да лежи со часови
свртен помешечки на масата,
молчеше бавно и на крајот рече:
сакам и ние како нив
да ги превртиме градските порти во нас
кон едно исто соѕвездие,
така една светлина ќе нè држи заедно
така ќе посакаш да дојдеш со мене
кога ќе ме стаса темната вода.

Ќе можеш ли како неа, ме праша
како онаа моја баба
која педесет години се огледувала
во едно исто огледало
во еден ист кревок маж, чие име го носам
– ливада со невини детелини.

Молчеше и отпиваше бавно.
Молчеше и пушеше бавно
и телата ни сјаеја во ноќите,
и немав одговор.

После огледалото се скрши,
ливадата во очите ѝ истече,
една вечер не се врати,
тогаш ја запалив плевната, имав само пет години,
ќе појдеш ли со мене, кога ќе ме стаса
темната вода?

Надојде светлата вода.
Надојде темната вода.

Милост,
милост
за градот под опсада од огледалото.