Ја набљудувам полната Месечина, долго ја набљудувам во благата,
летна ноќ
Како да чекам да ми го постави она нејзино старо прашање
Поставувано на многумина пред мене, кои одамна станаа или ќе бидат
Единствена именка за помен во збирот на сите мртовци на земјата
А гласи: Зошто ги сакаме оние кои ни задаваат болка и тоа таква
Што не сме во состојба ниту очите да ги затвориме, колку само тоа
сакање на болката возбудува
Со вртоглавица во главата, со дишење како борба за воздух
Со плач, од чии солзи прегоруваат покривки и перници
Со изгубено стоење во место зашто не успеавме да најдеме пат до нив
Зашто патот до нив е лавиринт со погрешно насочени патокази
Па не можеме ниту тоа да им го кажеме, туку само се надеваме
Можеби еднаш ќе сетат како целосно се престоривме во копнеж по нив
Налик на ова копнежливо гледање во Месечината, кое, како што
одминува ноќта,
Преминува во восхит, што е толку оддалечена од мене и од оваа тераса
Додека сите спијат: учителите на светот, судиите на светот, џелатите
на светот и мудреците на светот
О, да, и мојата пижама, префрлена преку столот, трепери и ме вика:
дојди!