Не е дека умираме скудни туку дека сме скудни,
дека знаеме како е да сакаш леб, предобро ја знаеме
отсутноста на Кидр, Абу Дар и Али
Парковите, трговските центри, олигарсите, неоконското политбиро
Не се наменети да ни го одвлечат вниманието, туку да нè удават
во сиромаштија
Вистинската идеја е да имаме леб на маса, Ибраим, сè останато е
само
вертикална
самотија
Самотијата ни е слична на почвата,
на изморените но не и победените
работници, студенти и млади политички активисти.
И ние имаме слогани и работиме со
машини на индустриската револуција кои голтаат раце и прсти
Надежта ни е постојана, мајчина му, па ние дури сонуваме
и кога не сме зафатени… со умирање
Нашиот вистински ред е хаос, Ибраим, сè останато е
само викенд во ИКЕА
Тахрир, Гези, Адавија, Сарачане… преживуваме на космичкото нишало
Ние сме ти ко распнати Џозефи, удавени Исуси, илје-милје Ноевци фрлени в
пламен
Па извини што ни се гади од оние кои не можат
ни по име да нè кажат
ама зборуваат во наше име
Имаме име, секако,
и може да начекаш насмевка ил две
од усните на угнетените
Името, драг мој Ибраиме, нашето вистинско име, е отпор, сè останато е
само пеењето на некое старо-аро
за време на попладневната молитва.
Превод: Горјан Костовски