Мртвите од непријателот мислат на мене безмилосно во нивниот вечен сон
додека духовите одат по скалите и по ќошевите од куќата
духовите што ги прибрав од патот и ги собрав како ѓердани
од вратовите и гревовите на другите.
Гревот стигнува до вратот… таму ги раснам моите духови, ги хранам
и тие пливаат како црни коњи во сон.
Со енергија на мртовец се поткрева последната блуз песна
додека мислам на љубомора
вратата е малку подотворена и здивот влегува низ пукнатините, дишењето
на реката, пијаниците,
и жената која се освестува за своето минато во градскиот парк…
и кога заспивам
пронаоѓам коњ кој пасе
секогаш кога заспивам
коњ доаѓа да пасе од моите сништа.
На моето биро во Рамала има недовршени писма и фотографии од стари
пријатели,
поезија во ракопис од едно момче од Газа, песочен часовник,
и почеток на песна кој ми мавта со крилјата во глава.
Сакам да те запомнам како таа песна од основно училиште
песната што ја паметам цела без грешка
моето шушкање и навалената глава и неблагозвучјето…
малите ножиња кои жестоко тропотат по цврстата земја
отворените дланки кои удираат по клупите…
Сите умреа во војна, моите пријатели и соученици…
и нивните ножиња останаа и нивните возбудени раце, што тропотеа
по подот на училниците, трпезариските маси и тротоарите,
грбовите и рамената на пешаците…
и каде и да одам
ги слушам
ги гледам.
Превод: Марија Петровска