Не ми се познати игуани
или игуанско однесување
ниту пак кучиња
кучешки раси
кучешкиот начин на поздравување преку лаење
не знам многу за ѕвезденото небо
но чувствувам
ги чувствувам повторно
големата мечка орионовиот појас поларната ѕвезда
за пазарот на акции не знам многу
речиси ништо не знам за паѓањето на берзата
зошто
или какво значење има тоа
кога веќе паѓа како што паѓа
многу малку знам за научната фантастика
Дарт Вајдер
криминалните романи
имам тешкотии со офсајдот
да разберам зошто судијата свири
не ми се познати школките
начинот на кој школките постојат
колку коски имаме во телото
колку имаме коски во телото
ескимите
кога ги тријат носовите
поздравуваат
ќе испитам
дали сме
и во таков случај
кои се тие
Превод: Ивица Челиковиќ