За Јоана Јероним

Ни велиш дека на романски,
дивите булки што секаде растат
биле жив пламен љубов –
Замислувам еден пламен, потоа невиден оган
крај патиштата, по полињата,
дури и меѓу шините
кај што сонцето нашло проѕирка.
Може косени од ветрот, овие булки,
трепетливи но одлучни,
сигурни во љубовта и животот
дури раснат во твојата песна, на романски.
Како зборуваш ти, се сеќавам на тие булки;
како зборуваш ти, им ги замислувам тенките, влакнести дршки
преплетени со треви, и просто можам да почувствувам
како нивната дива црвена
се пали и отклопчува: невешто, невешто со првата љубов –
прва тага и болка – чувствувам
како светлината лизга по нивните кожи –
сум видела такви булки.
Сум видела крепдешин, шифон,
како нивните најчисти свили болскотат на сонце,
јарки како свежа крв.
Може да се хинду невести
кои цутат во своите црвени сари,
во пресрет на Агни –
кожа зрачи злато на злато на злато.
Има денови кога булките знаат нешто повеќе.
Денови кога и во нивниот неуморен трепет
дури ветрот ги кутнува долу,
се брануваат со силата на парталавите латици.
Сум видела такви булки:
што ги викаш жив пламен љубов.
Дури и нивните толчници, венци од црн конец
се болни од љубов – дури и прашниците,
брашнести и разлеани синкави црно-виолетови,
се болни од љубов.
Како поинаку да се опише нивната моќ?
Сепак, на англиски, ние не знаеме
за оваа љубов.
Да се осмелиме ли да кажеме
дека нивната силина е љубов?
Кој е говорителот во твојата песна?
Има ли таа надлежност да тврди такво нешто?
Што има во твојот тон, во ритамот,
што не може да се пренесе во англискиот?
Без поговор, прифаќаме дека оган и пламен
опишува повеќе од боја;
Без поговор, разбираме ние силна емоција,
но да додадеш овде љубов, да се разбереме,
Не ни е згодно.
На англиски, велиме булките ни говорат,
велиме нивната сила нé довикува –
и велиме дека неодложноста
на нивниот повик е тоа што нé покренува.
Зошто ги претвораме нив во усти?
За љубовта не сме сигурни.
Но, може да е таму, велиме.
Не може да ја изоставиме љубовта,
но, сепак, не сакаме да ја спомнеме.
Би било премногу:
Жив пламен љубов,
Па дури и, силината на љубовта на булките –
Не, ние велиме, не.
Но булките навистина нé повикуваат.

Превод: Ана Топенчарова Коваческа