Имаше кал, а потем ветер.
Цветна леа во плакарот.
Погледни внатре во плакарот, ја гледаш ли
мртвата пијана фауна заразена со сифилис?
Топчиња од глуварчиња танцуваа во шуплината на неговото лице,
дупката каде што му бил носот.
Спалната соба беше исфрлена од центрифугална сила,
поместена кон дворот.
Тоа утро, имав пет години и сѐ уште бев гостин.
Ја свикав конференцијата на плакарот.
Бев и организатор и посетител,
се мачев да преживеам,
копав во земјата со закачалка.
Очите си ги претворив во еден голем сончев часовник
и пуштив една пчела да одлета за мојот сурогат.
Трпезаријата беше театар за комедии.
Секоја ноќ горделивата харинга до смрт ја тепаше со казма
нејзиниот понизен сопруг кого таа никогаш не престана да го обвинува.
Имав пет години, и бев единствената публика,
седната на скалите, никогаш не вреснав.
Мојата фауна, мојот најдраг пијан пријател,
ја гушкаше мојата коса со нејзиниот здив од абсинт.
Заспав под нејзина закрила.
На полноќ,
малечкиот двор се претвори во чудовиште, и
го распрсна својот полен.
Но симптомот беше доцниот почеток.
Па.
Денес, не.
Денес, не.
Превод: Никола Ѓелинчески