I
Осамено детето гледа низ прозорецот
Здив чади во влажната работилница
Треперејќи седнува на креветот
и ја забавува својата внука
Заедно ги слушаат вресоците во трпезаријата
небаре сирени на смртта.
II
Секое утро мама врти на ќошот
Тато работи од позади
Дупчалката или турпијата ми одат на нерви
Фенот за коса и машината за полирање
Сакам да се склопчам под ќебињата небаре е зима
Сега татко е болен
Има хеликоптери и полициски час.
III
Тато се опи вчера и завчера
Мислев дека е мртов
Базди на алкохол и ме плаши
IV
Не ми се излегува надвор
Сестра ми мисли дека сум чуден
Кога и да се разболам
Ми отекуваат очите и телото
Па дехидрирам до коска и кожа
V
Не можам да го поднесам мракот
Мама сака да раскажува приказни
Вели дека баба се враќа и ги отвора фиоките
Со брат ми се гледаме подоко
Тој е поголем и ми наредува
Јас ги читам неговите книги и го победувам во шах
VI
Ме пуштија порано од училиште
Ме болеше стомак а дипиронот не помогна
Тато сакаше да се обеси вчера
VII
Докторот ми препиша дваесет таблети дневно
Приквечер ги слушам разговорите на големите
Зборуваат за политика и пијат вино или чај
Летово се разболев два пати
Годинава ме ослободија од физичко
Си седам со ужината во школскиот двор
Цело време се срамам
Мислам на смртта
Ми се допаѓа комшивката и една школска
Поголемите дечки зборуваат за ебење
Ќе направам џунгла од пластелин
Ветувам дека нема да настинам
Превод: Никола Ѓелинчески