Зашто не живее душата меѓу нештата
туку во смелото дејство на нивното дешифрирање,
јас ја љубам сестрата светлина која ми ги храни сетилата.
Илјада пати посакував да откријам која сум.
По толку имиња,
по толку патување кон сопствениот компас,
би можела да го прегрнам песокот во текот на неколку векови.
Да видам како поминува тишината и да продолжам да го прегрнувам.
Вистината не е во мене, секоја секунда
таа е минлив обид да се зароби недостижното.
Вистината не е во никој, и малку подалеку
лежи кралот како и секој просјак.
Ако некој мисли да ја следи
да не го заборави ова:
огнот секогаш беше знак на пропаста
како што јачината е претходник на заборавот.
Кога моите очи ќе се вратат на изворот,
барам еден последен дар.
Ништо друго не ви барам.
Ставете ги зборовите на мојот гроб.
Оние што ги кажав илјада пати
и оние што би посакала да ги кажам барем еднаш.
Чувајте ми ги зборовите отстрана.
Оние што ги користев за да љубам,
оние што ги научив во текот на патот,
првите што ги чув од усните на мајка ми.
Завиткајте ме меѓу нив без критика,
не плашете се од нивната тежина.
Но внимавајте кога го галите изразот со тебе.
Однесувајте се со него со почит.
Поставете ми го
врз срцето.
Вистината не е во никој, но можеби
зборовите ќе можат да ја зачнат.
Можеби тогаш оној на кој му кажав со тебе
и за кого со тебе беше навика,
ќе си легне покрај мене нежно,
заедно во најсветиот празен простор,
кога вечноста ни ја зема мерката,
кога вечноста се декларира со тебе.
Превод: Марија Петровска