За Алваро Леива

Кристали сме
Што сме?
Бисери украсени кои го чистат умот
Остаток мрачен од камењар
Бисери каменити кои пулсираат
Река немирна која низ устата блика
и излегува од телото
Змијата сребрена е траг в сенка
Силуети од стебла и гранки во движење
На дното корените водни
со влакната допираат до летот на црвите
угоре исфрлени од темнината.
Змивчиња зелени и лилави
Бакарната жица на мозокот
се одмотува ко музичка кутија во тишина
Неми бисери чии јасни тапанчиња
го слушаат пискавото шуштење на стрелите
Што сме?
Вбризгана светлина која заслепува
краток блесок забележан со крајчето од окото
амнионска кеса каде се нишаат
и виткаат прстите?
Или отворени очни капаци кои повторно се затвораат?
Да се види времето ко бескрајно огледало повторено во друг
Истата слика
кубно исечена од сите страни
Да се испие река
сосе кал и бубачки
Од тунелот да се скокне
во долината на нештата јасни
Утринска светлина
Кората налик на грб од гуштер
Непрекинатиот тек кој го задржува мислата
Што сме?
Сјајни кристали кои мора да се исчистат
Превод: Никола Ѓелинчески

* Напивка со халуциногени својства која домородните народи на Амазонија ја користеле за претскажување и за
лекување. Луѓето кои ја консумирале оваа напивка рекле дека почувствувале духовни откровенија за нивната улога на
земјата и вистинската природа на универзумот.