МОСТ, МИЛАНО, ВО БУРИТЕ НА ВЕЧНАТА РАЗДЕЛБА, ЃУБРЕ ЗА РАЈСКАТА ГРАДИНА, ЉУБОВ НА ПЛОШТАДОТ

МОСТ

На Исмаил Кадаре

Илјадалетија спориме,
илјадалетија го градиме и разградуваме
нашиот мост
(на Дрина,
на Дунав,
или мостот со трите арки
во Албанија).
Илјадалетија се прашуваме:
Каде е Златниот Град – на Исток
или на Запад?
Каде е Пророкот
и каква ќе биде нашата ѕвездена стока
по тој мост меѓу изгревот и залезот?
Со ножеви меѓу забите
се прашуваме:
Навистина ли живи луѓе – нашите луѓе
биле заѕидувани
за да биде
мостот меѓу
Исток и Запад
поцврст?
Илјадалетија споревме, војувавме
се убивавме, гиневме
градевме и разградувавме.
Најпосле го пронајдовме авионот
и денес
ниту еден патник не го гледа
нашиот стар мост.

Превод од бугарски јазик Славе Ѓорѓо Димоски

 

 

МИЛАНО

Мустафа голта пламен
со камено лице.
Под сината сенка на пламената голтка
катедралата го скрива залезот.

На плоштадот толпата
му аплаудира на Мустафа.

Среде катедралата с’ска зелената змиска реклама.
Ноќта со ѕвездите и ветерот
атакува на залезот.

Месечината е црвена и бавна.
Улиците веќе се темни.
Мустафа е Италијанец.

Превод од бугарски јазик Славе Ѓорѓо Димоски

 

 

ВО БУРИТЕ НА ВЕЧНАТА РАЗДЕЛБА

Во спомен на Данила Стојанова

Во ураганот, во темното стрниште
светка синчец – око на ништото
кое молњите возбудено ги смирува.
С’скаат намовнатите чинари –
удира гром и камењето се вжештува…
Возбуден, го набљудувам синчецот –
а самиот тој станува синевина.

Синкавата – кревкост, ситното цвеќе
од магнетни бури е просветлено,
дише во мракот – сино над зелено
трепка – и цути – и прецутува
проблеснуваат ѕвездените катаклизми…
Во ужасот на темната вселена
кој доаѓа и го запоседнува небото?

Кој ја сака таа краткотрајност:
сончевиот зрак, зачнувањето тајно –
и историјата на земјата?
Мал ќе е тој – како солзата
од твоето око – за миг – изгрева
во бурите на вечната разделба –
трепка Фарот во морето на Смртта.

Превод од бугарски јазик Славе Ѓорѓо Димоски

 

 

ЃУБРЕ ЗА РАЈСКАТА ГРАДИНА

На Катја

Уметноста од ѓубрето може
да создаде цвеќиња.
Како природата.

Една убава песна, еден силен блуз, нешто
како „бејби, бејби, пеколно ми се гади, мислам,
ќе умрам!“
Тоа можеби ќе те направи среќна.

Ни треба повеќе музика.
И повеќе живот среде природата!

Несреќата нека ни биде
ѓубре за Рајската гадина.

Превод од бугарски јазик Славе Ѓорѓо Димоски

 

 

ЉУБОВ НА ПЛОШТАДОТ

Како мал сонував
чекорам по улиците и гледам,
од половината надолу сум гол.
Минувачите
ме стрелаат со поглед
и умирам од срам…
Или помнам,
сум задоцнил на училиште
ден… година… многу години,
и не ќе го завршам.
Или на плоштадот
ме гони Злото,
нозете ми смекнуваат,
се плазат како мојот јазик,
ме предаваат…
Понекогаш и
убаво сонувам:
гол сум на плоштадот – со раката
мавтам и камен
ми паѓа од срцето – заграбувам
воздух со рацете и пливам
градно – забавено – забавено
се извишувам
над минувачите и цветните леи –
ги сакам! –
со мајскиот ветер летам
гол и слободен
како галеб или буревесник –
гол и слободен
како душата по смртта.

Превод од бугарски јазик Славе Ѓорѓо Димоски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©