ЦРВЕНИОТ СНЕГ, ТИГАР, ПЕСНИТЕ НА МАЈКА МИ, БЕТОВЕН И КУРДИТЕ, ОД УТРЕ ЌЕ СИ СТАРЕЦ

ЦРВЕНИОТ СНЕГ

Снегот снежи бел,
со белотија ги прекрива планините.
Снегот снежи бел и врз курдистанските
планини.
И веднаш се обојува црвен.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

 

 

ТИГАР

Кога бев млад
сакав да бидам тигар со силни канџи
да го нападнам секој што ќе ми го попречи патот.
Кога пораснав, сакав да бидам тигар
кој ќе патува по светот, без канџи.
Кога остарев,
сакав да бидам само тигар,
или тигар
кој има куќа и кров
кои ќе го штитат од канџите на тигрите.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

 

 

ПЕСНИТЕ НА МАЈКА МИ

1. За привидение
Утрово, дури мајка ми седеше сама дома
и ги крпеше панталоните од брат ми Махмуд
скинати во вчерашната беља
иглата ја прободе во прстот и топла крв потече по конецот
панталоните се флекосаа а мислите метеж ѝ се сторија
се колнеше пред татко ми и пред комшиите
дека ме видела мене или мојата сенка
или ме видела мене без сенката моја како минувам пред неа утрово
и штом ме здогледала
била целата нестрплива и збунета и сакала да ме гушне
ама иглата ја предаде и прстот ѝ го руши
бев ли јас таму навистина
или беше само мајкиното срце?

2. За копнеж
Мајко,
веќе триесет години јас сè уште трчам со босоного срце
штом видам жена во долг фустан
или бела шамија на главата
и по неа викам: Мајко, мајко
Мајко!
Триесет години и шест илјади милји
прогонет од розите, утринското изгрејсонце и ангелското лице,
мајкиното лице
триесет години
штом за жена пишувам
штом жена цртам
се фаќам како пишувам за мајка ми
ја облекувам сликата со мајкините бои
триесет превези, триесет гробови, триесет…
Со надеж и смирение се гоштавам
штом глава умирувам
врз мајкините гради.

3. За страст
Написите врз ѕидовите на нашата куќа од кал
жолтата боја на вратата
семејната слика грижливо обесена до сликата на Имам Али
декоративните траги врз тавчето
големиот нем камен крај вратата
секогаш спремен да прими гости
полиците преполни со стари весници
ламбата која филозофира со долг светликав јазик
обесената рогозина секогаш спремна за молитва
светото смеење кое ја создава оваа страст
и овој умор
е смеењето на мајка ми.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

 

 

БЕТОВЕН И КУРДИТЕ

Го гледам телото на Бетовен
делува тажно
купишта Курди
го истражуваат градскиот центар пешки
во нив сал копнежот живее
Бетовен плаче.
Јас гледам кон Рајна
градот го подвојува наполу
делува тажна
да не тагува за Еуфрат?
Еуфрат е тажен.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

 

 

ОД УТРЕ ЌЕ СИ СТАРЕЦ

(Јас пак, за четврт век, горе-долу)

Од утре ќе си старец
со бастунот пред себе
ќе чекориш сам
ќе си мрмориш самиот ко сите старци што си мрморат
ќе станеш своеглав, слаб со слухот, и бавен
ќе бараш помош кога ќе ти треба
но никој нема да ти помогне
ќе сонуваш за минатото
и минатите добри денови
дури внуците мислат за иднината
и деновите што надоаѓаат
ќе ја пцуеш оваа досадна генерација
и ќе џавкаш ко расипана плоча
колку прекрасна била вашата генерација
фамилијата ќе си игра мајтап со тебе
ќе те исмеваат и тебе и ставовите твои
за кои мислиш се најточни
на усните саркастична насмевка ќе ти осамнува
штом се спомнат зборови ко тврдоглавост,
елан и верба во иднината
можеби и ќе се смееш
коските ќе ти смекнат
болештина низ плотта ќе ти лута без престан
и без дозвола
сите желби ќе ти згаснат
освен желбата за умирачка
без пријател или другар
сал самотијата за потпора и друшка
секогаш спремен за заминување
гробниот праг ќе те примамува и ќе ти прави друштво
сите ангели ќе те предадат и ќе заминат
само Азраел ќе ти пријде како најсетниот пријател
можеби пред да заминеш ќе кажеш:
ако умрам, закопајте ме овде во туѓинскиве гробишта
можеби зборовиве
ќе ти бидат најзадната желба.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©