ДА СЕ БИДЕ ПОЕТ Е…, ДОЖД, МОНОЛОГ НА ДРВОТО, ОБОЖАВАЊЕ, СОН

ДА СЕ БИДЕ ПОЕТ Е…

На една точка на светот, така незамислива
Да има килими во дречливи бои
Послани на секое скалило од скалите,
Да има прекрасни кристални канделабри
Обесени на таванот
Одливната светлина да паѓа право на подот,
Духовите на заминатите пред години и години
Да зјапаат од секој ѕид и од секое ќоше
И се изложуваат така достојни на прв поглед

Јас дојдов денес по некоја среќна случајност
Додека се држам за кваката на вратата
Се чини дека светот си го слуша својот здив
Колку огромна досада скита во моето тело
Бледата светлина е толку мала што е неспособна да проговори,
Ја вденувам иглата на моите мисли
Човечка фигура со директен поглед
Неговото чело со години е милувано од сонцето
Како апстрактниот простор да гори во очите
И снегот паѓа во есен
Ме набљудува неподвижен
Иако немам чувство за страв и грижа
Таа изгледа како да плаче и тажи
Се претвора во гордост со глава крената нагоре
Бидејќи моето срце продолжува да чука, ако ти го слушаш тоа
Посакувам да допрам, да почувствувам и да вкусам
Но моите прсти не мрдаат
Само крвта тече во моите вени
Шепни ми да ги држам рацете
Јас сум тој кој живее во тага
Којшто стои колебливо, неспособен да се движи тука и таму
Ако струната на Шанз се откине
Како цицалче среќно во неговото икање
И што да се прави? Чекајте, затворете ги очите
И да се обидеме да влеземе во неговото тело!

Каква е таа радост да се биде ПОЕТ?

 

 

ДОЖД

Откривам дека почетокот е поинтересен од крајот.
Осетливи и кршливи, темни капки на дожд
Слушајќи го тесниот пресек меѓу задоволството и огорченоста
Се истураат долго време од небото.

Стрелката на часовникот што пулсира лесно
Во долгото вртење покажува кратко мерење
Како кружен ритам го впива просторот
Кристалните капки приземјуваат во најсветли светлосни нијанси
Ако застанам да го слушнам звукот како се крши во секој миг,
Ја жалам сопствената желба да бидам вечно мокар до гола кожа

 

 

МОНОЛОГ НА ДРВОТО

Чувствувам желба за плачење
Заради овие лисја што шумолат

Некако, не можам да верувам
Дека наскоро тие ќе заминат на другиот свет

И дека само ќе одлетаат некаде
Впивајќи го жолтеникавиот здив на сјајното сонце

Моето срце се тресе и за мајката дрво да не замине
Ошамарена од ветерот, така празно после растежот

Засакано и обожавано, моите очи запомнети
Понекогаш сакам да исчезнам и да овенам

И да одлетам за да ја почувствувам празнината, кога времето ќе дојде
Не сакам да се сетам како месецот се покажува врз разбранетото езеро.

Не ќе може да се замисли маглата да го покрива воздухот на раното утро
Заборавајќи на смеењето на девојките на кои им приоѓам со загриженост и трпение

Одејќи безтежински во празнината
Моите спомени ги пријавувам на срцето на некој друг

Ќе се соголам да смислам нешто
Зошто сум толку нежно и осетливо! Кажи ми зошто! О, Господе мој.

 

 

ОБОЖАВАЊЕ

Го обожавам твојот поглед што ја кажува простата вистина така отсечно
Погледот твој е толку чист како маглата што се крева од поточниот извор в зори.
Ја обожавам твојата долга црна коса, подолга од длабоката мрачна ноќ
Бидејќи ја милувам и мирисам твојата коса во текот на моето сонливо размислување во изминатите илјадници години.
Ја обожавам твојата чиста и искрена душа
Ти си таа која се спаси од болеста на љубомората.
Ги обожавам клепките твои како ластовички кои го сечат небото со нивните опашки
Бидејќи тие секогаш цртаат уметничко дело во воздухот како крилја на пеперутки
Ги обожавам твоите две брадавици на невидено
Бидејќи сите хармонични мелодии на светот ќе се истурат како млеко оттаму
Ја обожавам твојата разгаленост со сребрените ѕвезди кои ги осветлуваат дупчињата на твоите образи
Бидејќи тие секогаш ќе ги приспиваат твоите солзи и ќе шепотат на Седумте Божества
Го обожавам твоето нежно чекорење, како отчукување на срцето на жерав
Бидејќи тоа е толку свето што дури не смее да ги преплаши цветните прашини
Ги обожавам чистите капки на дождот со миризба на лисјата, впиена во твојата блуза
Бидејќи ти, која го сакаш снегот, влегуваш во моите мисли пред дождот
Ја обожавам твојата воздишка како роса на новоникната трева која е подготвена за устенцето на ждребето.
Бидејќи се чувствувам како мастилото што го ставив во моето пенкало во џебот на кошулата во едно попладне.
Го обожавам твојот глас како повик на елен што реве со крената глава кон небото.
Бидејќи тоа ми го дава чувството како кога орловската битка на смрт ми личи на орловското гнездо врз сива карпа.
Ја обожавам твојата душа која секогаш копнее за тишина
Бидејќи тоа го донесува спокојот низ сите времиња
Го обожавам твојот допринос на сите приказни за суштеството ПОЕТ, во воздухот што јас го дишам.
Бидејќи очите на божествата кои те создадоа заради ненадминливата среќа се кристално чисти.

 

 

СОН

Стојам сам во степата со ветерот што заминува
Сувите треви поплакуваат на нивните корени.

Забраздените сини планини се неподвижни
Мојата душа е пламната во воздухот што го дишам

Кратенките на сложени зборови летаат пролеани со крв
Мислев ќе бидам преплашен, но облаците ги прикрија моите стравови

И беа кренати кон небото, додека ги везеа ситните магли
Светкањето идеше оттаму речиси без прорез да влезе игла и конец.

Со чувство на замор и зашеметеност во кругот на безграничните желби
Сепак невозможно е да се чека, среде шумот на реката.

Потсетувајќи ме за меките нежни снегулки, паднати неодамна
Чавките заминаа пркосејќи се со сушноста на есента што имаше тешка додавка

Грижејќи се за белите прекривки на заминатите од овој свет
Очите ми солзат додека ги гледам како тие си заминуваат.

Од моето оплакување среде грмотевицата дожд се истура
И скокоткање во стомакот низ тихи треперења.

Одеднаш се освестив дека сонувам и веднаш ја пресеков жилата на времето
И ги затворив очите повторно. Сакав да запаметам сѐ што видов во сонот.

Сѐ уште нема сцена да се види што и да е јасно, сето тоа е толку матно
Се сеќавам само дека стоев во степата со ветерот што заминува

Едвај ги отворив очните капаци што ги издржаа влажните клепки…

FacebookTwitterLinkedinRedditGoogle+Email

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©