НИЕ, ОДА НА ТАГАТА, МАСАКР, ДАМАСК СЕ ОДДАЛЕЧУВАШЕ

НИЕ

Ние, кои сме расфрлани наоколу во делчиња, чие тело лета низ воздухот како капки дожд, најдлабоко им се извинуваме на сите во овој цивилизиран свет, мажи, жени и деца, зашто ненамерно им се појавивме во нивните мирни домови без да побараме дозвола. Се извинуваме што им ги жигосавме отсечените делови од нашето тело во снежнобелото сеќавање, зашто ја испоганивме сликата за нормалното, целосно човечко битие во нивните очи, зашто бевме безобразни ненадејно да им скокнеме на вестите и на страниците на интернет и во печатот, голи со исклучок на нашата крв и гламносани остатоци. Им се извинуваме на сите оние кои немаа храброст директно да ни ги погледнат повредите од страв да не се згрозат, и на оние на кои им преседнала вечерата откако неочекувано виделе свежи слики од нас на телевизија. Се извинуваме за сето страдање кое сме им го предизвикале на сите кои нѐ виделе такви, недотерани, без најмал обид да нѐ состават или да ни ги скрпат остатоците пред да им се појавиме пред екраните. Исто така им се извинуваме на израелските војници кои се намачија да ги притиснат копчињата во авионите и тенковите за да нѐ разнесат на парчиња и жалиме што изгледавме толку одвратно откако ги вперија гранатите и бомбите право во нашите меки глави и за саатите што сега ќе ги поминуваат во психијатриски клиники, обидувајќи се повторно да се очовечат, ко што биле луѓе пред нашата преобразба во гадни делови од тело што ги прогонува кога и да пробаат да заспијат. Ние сме нештата што ги гледате на екраните и во печатот, а ако се потрудите да ги составите делчињата, како сложувалка, би добиле јасна слика за нас, до толку јасна што ништо не би можеле да направите.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески

 

 

ОДА НА ТАГАТА

Те сакаме, Европо, ти стар континенту. Не знам зошто те викаат стар кога си млад во споредба со Египет и Месопотамија.
Те сакаме, Европо, и плаќаме даноци како и белците, и го трпиме твоето променливо расположение што наликува на твоето време, и сериозниот недостаток на витамин Д предизвикан од твоите темни зими. Те сакаме и нѐ растажува фактот дека никогаш нема да се навикнеме на оваа тмурна темнина во твоите долги зими, зашто тука се нашите пријатели Европејци, мислам на првичните жители кои ги родиле Ариевски мајки и татковци во твојот ладен север, кои како и ние и тие страдаат од депресија и недостаток на витамин Д, та според теоријата на еволуција, и тие се хомо сапиенс и дошле од Африка. Твоите првични жители, мислам на неандраталците кои еволуирале за време на леденото доба за да го издржат твојот студ, сега се изумрени.
Те сакаме, Европо, и не одрекуваме дека доаѓаме кај тебе од назадни третосветски држави, како што ти ги нарекуваш. Еве јас лично дојдов од Дамаск и истрпев многу клишеа, стереотипи и предрасуди од твоите писатели и поети. И покрај тоа што се сметам за феминист, здосадено ми е и преку глава ми е од постојаните површни прашања за ситуацијата со жените во Блискиот Исток. Сосема се согласувам дека жените во Сирија го добија правото на глас во 1949, но во Швајцарија, главниот град на вашите пари и парите на нашите диктатури и нивните тајни банкарски сметки, жените го добија правото на глас во 1971, а секако не беше така во сите швајцарски кантони: па добро бе, кантонот Апенцел Инероден им даде целосни гласачки права на жените во 1991!
Те сакаме, Европо. Ја сакаме слободата што ни ја даде кога пребегнавме до твоите раце, и се преправаме дека не го забележуваме расизмот кој се обидуваш да го ставиш под тепих додека ја чистиш дневната соба.
Те сакаме, Европо, љубовницо на колонијалното минато, убиецу на првичните жители, крвопиецу на народи од Индија до Конго, од Бразил до Нов Зеланд.
Љубовницо на Инквизицијата, спалувачу на жени ѓоамити биле вештерки, господарка на трговијата со робови која пренесуваше црнци во новиот свет, креатору на апартхејдот во Јужна Африка, основачу на фашизмот и нацизмот, изумителу на конечното решение за да се истребат Евреите, конечното решение поради кое се родив како бегалец во кампот Јармук во Дамаск зашто ти се дрзна да ја предадеш мојата држава Палестина како исплата, како надоместок и решение за холокаустот кој го извршија тие од твоите бели жители кои веруваат во чистотата на ариевската раса.
Те сакаме, Европо, и ги носиме твоите пасоши кои ни отвораат врати исто толку лесно колку што твоите куршуми им отворија дупки во телата на милиони Алжирци кои сакаа да уживаат во слободата побарана со твојата Француска револуција.
Те сакаме, Европо. Ја сакаме твојата уметност и ја мразиме колонијалистичката историја, го сакаме твојот театар и ги мразиме твоите концентрациони логори, ја сакаме твојата музика и го мразиме звукот на твоите бомби, ја сакаме твојата филозофија и го мразиме Мартин Хајдегер, ја сакаме твојата книжевност и го мразиме ориентализмот, ја сакаме твојата поезија и го мразиме Езра Паунд, ја сакаме слободата на говор во твоите граници и ја мразиме исламофобијата, ја сакаме твојата напредна цивилизација, твојот секуларизам, твоите правични закони и човековите права на твојата територија, и го мразиме твојот расизам, двојните аршини, твоето надмено гледиште и крвавата историја.

Земи си го нацизмот и дај ни го Емануел Кант
Земи си ги Црнокошулците и дај ни италијанско вино
Земи си го геноцидот во Алжир и дај ни го Бодлер
Земи си го Леополд Втори и дај ни го Рене Магрит
Земи си го Адолф Хитлер и дај ни ја Хана Арент
Земи си го Франко и дај ни го Сервантес
Земи си ги твоите работи и остави нѐ да си ги земеме нашите.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески

 

 

МАСАКР

Масакрот е мртва метафора која ми ги јаде пријателите, ги јаде непосолени. Беа поети и станаа Репортери со граници; веќе беа уморни, а сега се уште поуморни. „Со брз чекор го преминуваат мостот в зори“* и умираат без телефонска покриеност. Ги гледам низ очила за ноќен вид и ја следам топлината на нивните тела во темнината; ете ги, бегаат од неа дури и додека трчаат кон неа, предавајќи се на овој огромен масакр. Масакрот е нивната вистинска мајка, додека геноцидот не е ништо повеќе од класична песна напишана од продуховени генерали во пензија. Геноцидот не е соодветен за моите пријатели, оти е организиран колективен чин, а организираните колективни чинови ги потсетуваат на Левицата која ги изневери.
Масакрот се буди рано, ги капи моите пријатели во ладна вода и крв, им ја пере долната облека и им прави леб и чај, па ги учи по малку и за ловот. Масакрот е помилосрден кон моите пријатели отколку Универзалната декларација за човекови права. Масакрот им отворил врата кога сите други биле затворени, и ги викал на име кога дневните извештаи барале бројки. Масакрот е единствениот кој им понудил азил без обѕир на нивното потекло; економските околности не го интересираат Масакрот, ниту пак му е гајле на Масакрот дали се интелектуалци или поети, Масакрот ги гледа работите од неутрален агол; Масакрот ги има истите мртви карактеристики како и нив, истите имиња како нивните вдовици, како нив поминува низ селата и предградијата и како нив ненадејно се појавува во ударните вести. Масакрот личи на моите пријатели, но секогаш пристигнува пред нив во далечни села и училишта полни со деца.
Масакрот е мртва метафора која излегува од телевизорот и ми ги јаде пријателите без ниту една ронка сол.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески
_________________________________
* Цитат од песната “Мостот“ од либанскиот поет Халил Хави.

 

 

ДАМАСК СЕ ОДДАЛЕЧУВАШЕ

Ја напишав песнава за жена што ја љубев, а потоа се разделивме. Сега таа има друг маж, а јас ја имам песнава.

* * *
Кога го напуштив Дамаск, јас бев неподвижен, а Дамаск се оддалечуваше. Тоа е нешто што Ајнштајн пробал да го дефинира во теоријата за релативност, а Витман во Стракови трева и тоа што јас се обидов да ти го шепнам на уво кога ти се обидуваше да ме љубиш.
* * *
Дамаск се оддалечуваше, а моето срце беше внимателно здиплено во мојот куфер, моето срце што ти е добро познато. Завиваше како волк во Јорданската Пустина, додека гонев еден дамнешен глад оти се немав заситено со љубов откако ме напушти Дамаск, а трпението е доблест и само Господ може да помогне.
* * *
Моето срце што ти е добро познато. Го нахранив со твојот рапав глас за да го смирам, и му ухнав облак од опиеност за да стивне, додека бедуинот облечен во мојата кожа талкаше во пустината со Арапите од север. Како ли да се вселам и да живеам во твојата куќа кога Господ потврдил дека ќе „лутам низ сите долини“? Како ли да се вселам, кога мавалијата* ме откраднува од мајчините раце, од твојата слабина, која јасна ко смрт, ме заробува и ме намамува далеку од моите пријатели, па те следам како што пријателот на Имру ал Каис го следи Имру ал Каис, од една држава кон друга, еден човек кон друг, и бегам од тебе како што човек бега од својот брат, мајка и татко, љубовница и деца?
* * *
Дамаск се оддалечуваше, додека јас бев неподвижен, куферот ми бегаше пред мене, а срцево, полно со арапска речитост, продолжи понатаму, моето срце што ти е добро познато. Секојпат кога ноќе го вадам од неговата пештера за да ја види месечината, го вие твоето име, но јас сум поцврст од камен, а моето срце, што ти е добро познато, не попушта.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески
_________________________________
* Мавалија е вид на народна арапска поезија со четири римувани стиха. (Заб. на прев.)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©