КОНСТАНТИН МИЛАДИНОВ (1830 – 1862)

KОНСТАНТИН МИЛАДИНОВ е роден во Струга 1830 г. како последно осмо дете во семејството на струшкиот грнчар Ристе Миладин и неговата сопруга Султана. Бидејќи е роден како посмртче, за него се грижи најстариот брат Димитрија (р.1810) кој го заменил починатиот татко и од кого го добил основното образование. Гимназија завршил во Јанина, а дипломирал грчка филологија на Атинскиот универзитет. Заедно со средниот брат Наум (првиот македонски музиколог и мелограф) се вклучиле во собирањето на македонски народни песни, а тројцата браќа станале основоположници и подвижници на македонската национална Преродба од средината на 19-от век.

Есента 1856 г. Константин заминал за Русија а со себе ги понел дотогаш собраните народни песни. Откако го положил приемниот испит се запишал како вонреден студент по словенска филологија при Московскиот универзитет. Паралелно работи и на обработката и подготвување за печат на народните песни и наоѓање издавач што ќе го финансира печатењето на Зборникот. И самиот Константин започнал да пишува и објавува свои песни со што станал и прв македонски лиричар. Бисерот на неговото творештво песната „Т’га за југ“ е објавена во белградски „Дунавски лебед“ на 7 февруари 1861 г.

Зимата 1859/60 г. ја поминал во Екатеринската болница во Москва како тежок белодробен пациент и поради суровата руска зима мора да се врати во татковината, а поради геостратешките интереси на Русија не успеал да најде издавач на Зборникот. Во јули 1860 г. ја напушта Москва и во Виена се среќава со хрватскиот бискуп Штросмаер кој му ветил финансирање на Зборникот. Но, спроведувајќи ги интересите на Австро-унгарија и римо-католичката црква тој од Константина побарал во него да вметне и бугарски песни и да му даде назив „Бугарски народни песни“. Константин го исполнил барањето откако во Загреб од бугарскиот фолклорист Васил Чолаков купил 100 бугарски песни за 100 форинти.

На 24 јуни во Загреб излегол од печат Зборникот од народни умотворби на браќата Миладиновци и во него од 674 песни само 76 се бугарски. Во Зборникот има уште: обичаи, верувања, преданија, пословици, гатанки, сопствени народни имиња и македонско-хрватски речник. Пресреќен што е исполнет жвотниот сон на браќата од Струга, Константин зема примероци од книгата и тргнува за родниот крај. Патем дознава дека брат му Димитрија е во цариградските зандани и оди таму. Браќата умреле во затворот во Цариград, Константин на 18 јануари 1862 г. а Димитрија 2-4 дена подоцна, под неразјаснети околности.

Петар Аврамоски