Новости

НУМ „СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА“ ЗАПОЧНА СО ДИСТРИБУЦИЈА НА ИЗДАНИЈАТА НА СВП ДО ЈАВНИТЕ УСТАНОВИ И ОТСТАПУВАЊЕ НА ТРАЈНО КОРИСТЕЊЕ БЕЗ НАДОМЕСТ

20 март 2024

   Струшките вечери на поезијата започнаа со дистрибуција на изданијата на СВП до јавните установи по претходно спроведена постапка согласно  член 44 став 3 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост. НУМ „Струшки вечери на поезијата“-Струга во изминатиот период спроведе постапка која што резултираше со владина одлука  64 наслови од изданијата на СВП да се дадат на трајно користење без надомест на други државни органи, правни лица основани од државата, здруженија на граѓани и фондации кои имаат потреба од користење.

   По претходно спроведена јавна анкета, на установите што изразија заинтересираност за отстапување и трајно користење на изданијата на СВП, во соодветна постапка со владина одлука и по потпишување на договори за давање на трајно користење веќе почнаа да им бидат доставувани комплетите од изданијата на СВП

   Голем број универзитети, библиотеки, центри за култура, средни училишта, Институтот за македонски јазик, Институтот за македонска литература, Друштовото на писателите на Македонија и редица други установи ќе ги збогатат своите колекции со репрезентативните изданија на СВП во кои се вклучени добитниците на Златниот венец, добитниците на „Мостови на Струга“, преведените изданија на добитниците на наградата Браќа Миладиновци и останатите изданија од богатата издавачка дејност на Струшките вечери на поезијата.

   Со оглед на тоа дека авторските права за изданијата на СВП се добиени без надомест за изданија исклучиво во промотивни цели и со ограничен тираж, тие не смеат да бидат предмет на слободна продажба, така што со овој чекор се зголемува достапноста на изданијата на СВП до пошироката публика. 

   Намерата е ова да се воспостави како редовна пракса, а во скоро време се планира целосна дигитализација на целокупниот книжевен фонд на СВП со обезбедување на соодветна техничка опрема и обезбедување на авторските права со што ќе се овозможи достапност до домашната и меѓународната јавност.