Антитези
Песната е градена врз антитеза. Го забележуваме тоа веднаш веќе на нивото на текстот како основа на неговата композиција. Песната природно се дели на два речиси еднакви дела поставени во однос на антитеза еден спрема друг. Додека првиот дел (1-18 стих) ја опишува суровата северна природа и во паралелна слика го прикажува мрачното настроение на поетот, вториот (19-34 стих) му се противставува со визијата на убавините на родниот јужен крај, во кој душата наоѓа спокојство. Оваа поделба ја открива едновремено изразитата симетрична постројка на песната, за која натаму се користат и други средства, како повторувањето на некои стихови и клучни зборови. Така првиот дел почнува со стиховите:
Орелски крилја как да си метнех,
И в наши ст’рни да си прелетнех,
На наши места ја да си идам,
Да видам Стамбол, Кукуш д а видам…
Тие стихови се варираат и во четвртата строфа, како важен сигнал за почетокот на вториот дел:
Дајте ми крилја ја да си метнам,
И в наши ст’рни да си прелетнам,
На наши места ја да си идам,
Да видам Охрид, Струга да видам.
Давајќи ѝ еднаков импулс на мислата и во двата случаја, поетот нејќел сосем да се повторува, ами избира едни зборови место други, ги варира морфолошките особености, а во замената на имињата на градиштата бил толку прецизен што ги следи просто етапите на својот замислен пат (Стамбол – Кукуш – Охрид – Струга).
Обележани вака јасно во својот почеток, двата дела на песната се оформуваат како целости и со соодветни завршни акорди. Во двостихот 17-18 и 33-34 се сугерира еднаква каденца со распоредот на запирките (Околу м‘гли и мразој земни,/А в гр‘ди студој, и мисли темни: Тамо по с‘рце в кавал да свирам,/ С‘нце да зајдвит, ја да умирам).
На лексичко рамниште контрастите се воспоставуваат многукратно. Спротивставувањето тамо: вамо (6, 7) и овде (8, 13, 19): тамо (25, 27, 33) учествува видливо во конкретизацијата на основната антитеза и придонесува за симетричниот строеж на песната. Сп. Овде је мрачно и мрак м’ обвива (13) : Тамо зората греит душата (25). Интересно е дека во осмиот стих пред овде автографот покажува пречкртано тука. Поетот не се задржал на тој избор секако чувствувајќи дека со овде се постига поизразито и гласовен контраст спрема тамо. И други лексички елементи стапуваат во вакво спротивставување. Сонце што „мрачно угревјат” 6 не е она јужно сонце што „светло угревјат“ 11 или „светло зајдвит“ 26. Благодатноста на тоа светло сонце се зголемува со импресивната слика на ѕвезденото небо во овој двостих: К‘де с‘нцето светло угревјат, /Каде небото ѕвезди посевјат 11-12. Северната „темна м‘гла“ 14 буди и „мисли темни“, додека надеж и радост оживува од погледот на јужното „бистро езеро“ 29.
Ние изделивме некои индикатори важни за откривање на слоевите на песната и особеностите на нејзината композиција. Се разбира, понесеностa на мислата, живоста на експресијата, музикалниот тек на цели периоди – чини нејзината порака да се почувствува имено како поетска. Просто се бараат по контраст стиховите како овие:
Мразој и снегој и пепелници,
Силни ветришча и вијулици (15-16)
наспрема:
Бистро езеро гледаш белеит,
Или од ветар сино-темнеит (29-30)
Една конвулзивна болка како да ги збрала, во првиот случај, македонските зборови што можат да ја искажат суровоста на развилнеаната природа, додека, во вториот, душата во своето успокојување постигнала смирена оркестрација на светлите вокали.
„Т’га за југ“ е еден од првите обрасци, притоа извонреден, на македонска уметничка песна. Една вододелница се поставува спрема нашата народна поезија по пат на усвојување на уметничката поетска експресија. Сепак, и во овој текст контактот со народната песна, толку видлив во другите текстови на К. Миладинов, не е прекинат, ами е, напротив, доста присутен. Самиот метар, симетричниот десетерец, со цезура по петтиот слог, се среќава во некои македонски народни песни, иако не така често. Како со тоа поетот да си извојувал простор што нема да го ограничи со најпривичниот звук на народното пеење. Јазикот на македонската народна поезија нашол пат до оваа песна со некои свои својства, меѓу кои прво место зема неудвојувањето на објектот и испуштањето на членот во некои случаи. Сп.: Да видам Охрид, Струга да видам 24; Тамо зората греит душата,/И с‘нце светло зајдвит вгората 25-26; Ако как овде с‘нце ме стретит,/Ако пак мрачно с‘нцето светит 7-8. Употребата на неслоговната форма на предлогот в, во: в гората 26 е карактеристична за јазикот на народната поезија, како и формата на прилогот как: как овде 7. Архаична форма на определена придавка имаме во : п’т далечни 9. Не треба овде да ја изгубиме од предвид можноста за угледување на рускиот (путъ далекий). Глаголот метне го среќаваме во народни песни од различни краишта, па и во „Зборникот на Миладиновци“ во песната бр. 618.
Лексиката на „Т’га за југ“ не се ограничува само со фондот на македонската народна поезија и на македонскиот народен јазик. Под руско воздејство се активирале и лексеми од вишиот книжен слој, кои потоа, понекогаш и со извесна адаптација, стануваат сосем обични во нашиот литературен јазик. Најизразит русизам, вклучен овде без фонетска адаптација, е роскош. 28. Нему му се придружува: природна сила 27.
„Т’га за југ“ се одликува со доста еднозначен избор на морфолошките форми. Така 1. л. едн. Сег. време завршува само на -м, а не и на -а, како во некои други песни на К. Миладинов. Сепак имаме едно отстапување од ваквата регуларност во изборот на морфолошките елементи. При обичното -т во 3 л. едн. сег. време имаме примери без таа наставка во стиховите: Овде је мрачно и мрак м’ обвива/ и темна м‘гла земја покрива. Се чини дека оваа девијација не е случајна. Во целата трета строфа имаме зборови, меѓу нив и тросложни, што завршуваат на вокал. Чувството за еуфонија било присутно кај поетот при изборот на формите. Така не постапил во 29-30 стих (белеит: сино темнеит), зашто тука по испуштањето на -т би можело полесно да се наложи читањето со две мори. По анализата што ја извршивме, можеме да констатираме дека не само во основните планови на композицијата, ами и во подробностите „Т`га за југ” се гради со чувството на еден човек што совладал богата поетика во романтичарската сфера. Создадена на антитезата меѓу мракот и светлината, меѓу болката и радоста, меѓу загубеноста во туѓина и надежта дека човек ќе се најде себеси таму каде што кукнал, – оваа песна завршува со својот последен двостих на чуден начин со примирување на најсуштествената антитеза, онаа меѓу животот и смртта:
Тамо по срце в кавал да свирам,
с’нце да зајдвит, ја да умирам.
Така една паралелна слика (С‘нце да зајдвит), со која завршува цела низа покази на убавината на родната природа, ја ублажува и поетски ја преодолува неумитноста на судбината. Оваа песна добила многу добар наслов. Таа е песна за една голема тага, самотност и беспомошност.