Песната Т’ГА ЗА ЈУГ од Константин Миладинов е напишана во Москва во 1860 година. Песната има исповеден карактер и во прв план ја изразува носталгијата на авторот по татковината. Поетот е веќе четврта година емигрант во Русија и мошне тешко ги поднесува и статусот на раскорнатик и климата на северот. Разочаран е од многушто, па копнее да се врати во роднокрајниот амбиент. Неоти низ претчувства на блиска смрт мечтае таму да си ја дочека умирачката која му е скицирана во последните два стиха од песната низ рамка на романтичарски декор.
• Песнава Константинова е пишувана во римуван десетерец, чија традиција ја воведува две-три децении пред него во македонската поезија Кирил Пејчиновиќ со својот познат Епитаф (1835). Песнава е потчинета на правилата на класичната версификација (силабо-тонски принцип), при што се води сметка и за бројот на слоговите и за метричките стапки и за местото на римата. Стихот е десетосложник (3 + 2 / 3 + 2), со по две наизменични дактилски и хорејски стапки (I и III и II и IV). Римите се сите двосложни (женски) и се редат по системот: аа, бб, вв (гг). Местото на акцентот се паѓа врз првиот слог во зборот, според правилата на македонскиот литературен јазик и на струшкиот дијалект, но со бројни исклучоци, кои се резултат на руското јазично влијание кај К. Миладинов.
Им се препорачува на препевувачите, коишто ќе се придржуваат до версификациските карактеристики на изворникот, да ги имаат во вид овие особености на звучната организација на оваа мошне популарна песна, која, впрочем, веќе е звучно и смислово транскрибирана во 74 верзии на препеви, преводи, адаптации, имитации, преноси и варијации.
Гане ТОДОРОВСКИ