Песни

ЗА МОЈАТА МАЈКА

мојата мајка не би умеел ништо да кажам –
како повторуваше, ќе жалиш некогаш,
кога веќе нема да ме има, и како не верував
ниту во „веќе“, ниту во „нема да има“,
како сакав да гледам кога читаше модерен роман,
ѕиркајќи веднаш во последните поглавја,
како во кујната, сметајќи дека за неа тоа не е
соодветното место, го вареше неделното кафе,
или, уште полошо, филети од бакалар,
како чека гостите да дојдат и гледа во огледало,
правејќи ја таа гримасата која успешно ја штитеше
да се погледне себеси вистински (што изгледа го
наследив од неа, како и неколку други слабости),
како потоа слободно расправа за работи,
кои не беа нејзино forte, и како јас несмасно
се препирав, како тогаш кога
таа се спореди со Бетовен, кој го губи слухот,
а јас реков, сурово, ама знаеш, тој
имал талент, и како сè ми прости
и како јас тоа го паметам, и како летав од Хјустон
на нејзиниот погреб и во авионот пуштија
комедија и како плачев од смеа
и од жал, и како ништо не умеев да кажам,
и сè уште не умеам.

преведено од:
Звонко Димоски