Песни

Сопствен Хеликон

Ha Мајкл Лонгли
Ko дете, од бунарите не можеа да ме одвојат
и од старите ѓерани со чекреци и коблиња.
Ја сакав темната капка, небото заробено, мирисот бајат
на тревишта водни, на влажна мов и стаена тиња.
Крај таков бунар во цигланата, под стреиче скапано,
на коблето му го пиев плесокот раскошен
што прудолу јурна на крајот од јажето врзано.
Толку длабок, ни отсјај да нема од ликот надвисен.
А крај еден плиток, во мртвица сува,
што како аквариум вриеше,
штом корен долг ќе потегнев од тињата глува
призрачно лице по дното ќе шмугнеше.
Други со ехо беа полни, ми го враќаа назад гласот
со музика јасна и гласна. Од еден пак
уплав дури ме фати: од водовриката и папратот
вишен, ставор врз ликот ми скокна в лак.
Сега пак, ко возрасен, под чест ми е мувли да пипкам,
корење да корнам, ко Нарцис ококорен
над извори да зјапам. Во слик себеси се сликам
темничиштево да го истерам ко звук од ехо морен.

преведено од:
Зоран Анчевски