Лауреат - 2015
Беи Дао
Кина
Биографија
Беи Дао е наjистакнатиот кинески поет од својата генерација, еден од главните писатели на модерна Кина. Се родил под името Жао Женкаи на 2 август 1949 во Пекинг, а неговиот псевдоним Бео Дао буквално значи „Северен остров“. Тој му беше предложен од страна на пријател за да упатува на потеклото на поетот од северна Кина како и на неговата карактеристична осаменост. Беи Дао стана еден од најважните поети на Загадочната школа, група на кинески поети кои реагирале против ограничувањата на културната револуција. Во 1978 Беи Дао и еден колега Манг Ке основале тајно книжевно списание Џинтијан (Денес), кое властите во 1980 година ќе забранат да се објавува. Песната „Хуида“ (Одговорот) на Беи Дао се зема како пркосна химна на продемократското движење и се појави на постери во текот на протестите и масакрот на плоштадот Тијананмен во 1989 година. Во текот на движењето на 1989 година, Беи Дао бил во Берлин како писател кој таму престојувал и кому не му било дозволено да се врати во Кина. Тој ќе ги помине следните 18 години во егзил, живеејќи во 8 различни земји. Се враќа во Кина во 2006 година, каде работи како универзитетски професор. Стихозбирките на Беи Дао се: Отклучување (2000 година), На работ на небото: Песни 1991-1996 (1996 година), Пејзаж над нулата (1995 година), Форми на оддалеченост (1994 година), Стар снег (1991 година) и Августовски месечар (1988 година). Тој е исто така автор на збирката куси раскази Бранови (1985 година) и две книги есеи, Сина куќа (2000 година) и Полноќна порта (2005 година), Неговото дело е преведено на повеќе од 30 јазици. Наградите и честа на Беи Дао ги вклучуваат наградата за поезија Арагана од Меѓународниот фестивал за поезија во Казабланка, наградата ПЕН / наградата Барбара Голдсмит – Слобода на пишувањето, и наградата Асоцијација Гугенхајм. Неколку пати бил кандидиран за Нобелова награда за книжевност и бил избран за почесен член на Американската академија на уметностите и книжевноста. На барање на палестинскиот поет Махмуд Дарвиш, тој отпатувал во Палестина како дел од делегацијата на Меѓународниот парламент на писатели. Она што веднаш секој читател на поезијата на Беи Дао ќе заклучи е дека таа опчинува со поетските слики, со метафори кои го окупираат вниманието и предизвикуваат на размислување околу значењета. Во таа жива интеракција на читањето, херметичниот глас на песната расцветува во една особена поетска сензибилност. Не се тоа само некакви опскурни метафори со усилен јазик, туку комплексни поетски слики со внатрешна логика и емотивност кои не овозможуваат лесен приод и толкувачка сигурност. Уникатната загадочна метафорика и елиптичка синтакса претставуваат комплексен внатрешен одговор на непријателскиот надворешен свет. Но кој е патот на поетот до овој негов загадочен стил и да се развие во зрел медитативен поетски глас кој станува еден интернационално најпознатите од кинеската литература. Трагањето на кинеските поети од седумдесетите по нова, автентична поетика, води преку експериментирање со „слободниот стих“ на херметичен јазик кој се карактеризира со индиректна метафорика поврзана со сонот и елиптична синтакса. Тие развиваат јазичен стил во кој темата, граматичкото време и број се неразбирливи и преминот е нејасен, и затоа е наречена школа на „загадочна поезија“. Тој нов став и приод, слободно може да се каже дека е средишно поетичко место на сите припадници на т.н. поетска школа на „загадочна поезија“, и ќе отвори нови простори и можности за модерниот кинески јазик. Беи Дао, Дуо Дуо, Гу Ченг, Хе Донг, Јанг Лиан, Ха Џин и другите од оваа група околу списанието Џинтијан направија современата кинеска поезија смело да зачекори во тие нови поетски простори. Она што го карактеризира неговото лично настојување во создавањето нов поетски јазик, е што покрај влијанието и прифаќањето сите западни исчекорувања и поетски револуции, сепак се слуша ехото, одѕвонувањето на традиционалната кинеска поезија, во оној дел на развојот на нова поетска слика. Во личниот опит на Беи Дао има по нешто и од надреалистичкото наследство, зашто заедничка им е таа потрага по нов, ослободен јазик, кој, како што вели Дијан Ли, еден од неговите најголеми проучувачи, „… не е ништо друго освен јазик на нереални слики, јазик на „тотален субјективизам“ во кој причинската врска се раскинува и детерминизмот исчезнува, отстапувајќи им пат на слободната асоцијација и отворената аналогија. Преку овој јазик, Беи Дао ја најавува својата спротивставеност на светот и неговата оддалеченост од „насилството на јазикот“ што ги воспоставува редот и стабилноста, „реалноста“ на овој свет.“ Егзилот на поетот дополнително ќе придонесе за една неизбежна промена во неговиот став кон мајчиниот јазик. „Кога пишувате на кинески, а живеете во странство, мајчиниот јазик е единствената реалност.“- вели самиот во едно интервју. Тој пат кон изнаоѓањето на неговата сопствена поетика поаѓа од свесноста дека поезијата се соочува со криза во формата, а користењето на старите техники е недоволно, при што особената употреба на метафората, симболот, синестезијата, промените во гледната точка и перспективата, испрекинатата низа на времето и просторот итн., нудат нови перспективи. Во неговата поезија тој често се обидува да ја воведе техниката на филмска монтажа и со создавање на сопоставени слики и промени во брзината, сака да ја поттикне имагинацијата на луѓето да го пополнат големиот јаз меѓу зборовите. Тежнее да ги испита можностите, способностите на поезијата, преку одбирот на зборовите и обликувањето на стиховите максимално редуцирајќи го изразот. Неговата минуциозна внимателност во обликувањето „поетскиот простор“ и продорната моќ на стиховите секогаш се истакнува најсилно во последните зборови на песната. Без сомнение, тоа настојување води во насока да се изгради своја автентична минималистичка поетика, притоа вешто избегнувајќи ги замките на маниризмот од една, и на некакво бесмислено пеење, на антипоетски експерименти од друга страна.