Говор на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за отворањето на 64. Струшки вечери на поезијата Струга, 21 август 2025 година
22 август 2025Говор на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за отворањето на 64. Струшки вечери на поезијата
Струга, 21 август 2025 година
Почитуван директор на Струшките вечери на поезијата, г. Никола Кукунеш,
Почитуван министер за култураи туризам, г. Зоран Љутков,
Почитувани поети,
Ценети присутни,
Драги стружани,
Чест ми е да се дружам со седумдесеттина поети, но и со бројни критичари, преведувачи, литературни соработници и љубители на поезијата, овде, во македонската и светска престолнина на поезијата.
Што вели историјата на овој голем настан?
Во 1961-та година, пред 64 години, група македонски поети се собрале тука, во Струга, за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци. Тие севпрочем втемелувачите на „Струшките вечери на поезијата“,коишто од Струга направија културна, поетска република.
Шетајќи низ „Паркот на поезијата“, покрај нобеловците: Неруда, Монтале, Бродски, Хини, Транстремер, но и нашитевеликани:Конески, Матески и Урошевиќ, имате чувство дека и самите, за миг, сте станале дел од антологијата на современата светска поезија.
Годинава, ним ќе им се придружи и великиот словачки поет, Иван Штрпка.
Најважните белези на струшкиот поетски републиканизам се: универзалноста, отвореноста, инклузивноста, рамноправноста, талентираноста, компетитивноста, слободољубивоста. Струшкиот поетски демократски полис не се води од идеологијата, политиката или геополитиката, овенчувајќиги со „Златен венец“ поетитеод различни континенти, држави, системи и нации. Да се потсетиме на ВистонХјуОдн и Ален Гинсберг, Фазил Хисни Дагларџа и Јанис Рицос, ЈехудаАмихај и Махмуд Дарвиш.
Струшкото поетско општество е рамноправна заедница, којашто ги награди и поетесите: Десанка Максимовиќ, Нанси Морехон, Маргарет Атвуд, Ана Бландијана, Ен Дафи и многу други.
Струга не ги заборава младите поети и,во соработка со УНЕСКО, го доделува признанието „Мостови“, коешто годинава ќе му припадне на полскиот поет МатеушШимчиќ.
Благодарение на препевите,Струшката поетска република прерасна во уникатна, плодна, оригинална јазикотворна лабораторија.
Зар не мислите дека струшката поетска приказна е најдобриот пример и модел на Делчевиоткултурен натпревар меѓу народите, особено актуелен во ова ужасно конфликтно и воено време што не потсетува на Лорка.
И додека ние во Струга ја славиме поезијата, продолжуванатпреварот во вооружување и трката за профитна сметка на човештвото и природата. Ние зборуваме за мир и за соработка, а тие учествуваат во воени судири и предизвикуваат невидени човечки страдања.
Пред нас се логичните прашања: Дали и колку е релевантна поезијата денес, во ера на расеаност и тиранија на ургентното, кога сè повеќе луѓе се закотвени крај мобилните, компјутерите и малите екрани, заведени и навлечени на сензационализам без суштина, изгубени во виртуелниот свет и заслепени од видеократијата и спектаклот?
Дали поезијата може да нѐзалечи, излечи и исцели од епидемијата на рамнодушност кон страдањата на ближниот или различниот?
Дали поезијата може да нѐ ослободи од дигиталните ѕидови во кои се самозаробивме?
Дали и колку сте релевантни вие, поетите,во време кога за неколку секунди алгоритмите на вештачката интелигенција можат да генерираат стихови во ваш стил, со врвна умешност, вична да ги збуни и најверните вљубеници во поетскиот збор?
Дали оваа, навидум наивна игра на имитација, импровизација, симулација, мимикрија и камелеонство, меѓу редови праќа порака дека вештачката интелигенција ќе ги замени дури и поетите и поетското творештво!
Дали Струшката поетска република е под закана да стане утопија?
За да одговориме на овие прашања, мора одново да се навратиме на дилемата со којашто се соочија Достоевски и Солженицин, а на која се обиде да одговори Жан Пјер Симеон: „Може ли убавината, уметноста и/или поезијата да го спасат светот? Може ли поезијата да нѐ менува нас и преку нас да ја менува реалноста?
Според мене, одговорот зависи од тоа дали веруваме во моќта на зборовите или не.
Оние кои неверуваат во силата на зборот, најпрво ги потсетувам дека речта беше на почетокот, а потем на забранетите книги. Меѓу нив е и АБЕЦЕДАРОТ, издаден во 1925-тата, пред 100 години, во Атина, под притисок на Лигата на народите, којшто бил веднаш запленет и уништен,токму поради моќта на зборовите да го оживеат македонскиот јазик и идентитет кај децата – Македонци.
Или, сетете се на браќата Миладиновци, но и на другите преродбеници, коишто самопрегорно ги собирале и ги запишувале народните зборови, народните песни, народните обичаи, гатанки и приказни за да ги зачуваат од заборав иисчезнување.
Ако зборовите немаат моќ, зошто моќниците од секоја историска епоха се обидувале да ги контролираат нив и нивните творци, од Овидиј, па до Лорка?
Моќниците знаеле декапоезијата не е само естетско доживување, устен или писмен запис на чувства и мисли, туку и етички став кон битните проблеми во животот и општеството.
Како свест и совест на времето,поетите, небаре старозаветнипророци,ги разобличуваат лагите и ги критикуваат неправдите, делувајќи просветлувачки и просветителски. Во спротивно, го изневеруваат повикот или завршуваат во ларпурлартизам.
Македонскиот поет и прв претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата, Ацо Шопов, би рекол дека вие, поетите и поетесите, во песната сте како во студена пештера каде што лежат огромни, расфрлени и скаменети зборови. Вие сте тие коишто треба да ги спасите од смртта, да ги разбудите од скаменетиот сон, да ги оживеете.
А живиот збор беше и е моќно и делотворно оружје. Речта може да нѐ соочи со вистината, да ни ја разбуди совеста, да ни ја поттикне хуманоста, да ни ги исцели раните, да ни ја ослободи имагинацијата, а со тоа, поттикнувајќи активност, да ја промени реалноста.
Живиот збор, поетскиот збор, учи, преобразува. Во него лежи и од него извира силата на поетската република, на Струшките вечери на поезијата.
А што е со вештачката интелигенција, ќе праша некој. Нели таа ќе ги замени поетите?
Се прашувам и прашувам: можат ли алгоритмите на вештачката интелигенција да почувствуваат т’га за југ или немир поради студот и мракот, или нескротлив копнеж за Охрид и Струга?
Можат ли алгоритмите да почувствуваат восхит за бистрото езеро и планините со кои е опкружено,или преобразба од Божјата убавина? Можат ли да ги уловат и доловат внатрешните чувства, мигови на љубов, страст, тага или гнев, можат ли да ги дофатат неповторливите фрагменти, што нѐ прават посебни и единствени човечки битија? Можат ли алгоритмите да ги оживеат зборовите? Не. За среќа, сѐуште не.
Неможното за вештачката интелигенција е можно за вас. Само вие, поетите, сте господари на чувствата и волшебници на зборот. Не случајноПерсиШели, својата „Одбрана на поезијата“ од 1821-та година, ја завршил со зборовите: „Поетите се непризнати законодавци на светот“.
Ова е вашата поетска република. Од тука, од Струга, вие сте го менувале и сѐуште можете да го менувате светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства.
Фокусирањето на глаголицата води 1160 години назад, кон старословенскиот јазик и огромната обединувачка улога на сесловенските просветители Кирил и Методиј, кон писменоста и нејзината најблиска другарка – поезијата.
Го поздравувам враќањето на најважните белези на Струшките вечери на поезијата: читањето кај споменикот на Свети Климент во Охрид, поетското пловење и рецитирање во Свети Наум и поетското матине во дворот на „Света Богородица Перивлепта“.
Очекувам значајна издавачка дејност, вклучувајќи ја и монографијата на лауреатот Иван Штрпка.
Да бидам со вас, поетите и поетесите, и да ја слушам вашата поезија е чест за мене.
Верувам дека по 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, Струга, но и светот ќе бидат поинакви.
Дозволете ми, со особено задоволство да ги прогласам овогодинешните Струшки вечери на поезијата за отворени!
Препуштете ѝ се, оти овие вечери, како Струга нема друга!