Почина Шунтаро Таникава, добитник на наградата „Златен венец“ на СВП во 2022 година
19 ноември 2024Во спомен на Шунтаро Таникава (1931-2024), добитник на престижната награда „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2022 година. Беше поет чие творештво го обележаа длабоката интелектуална димензија и искрената емоција. Неговата поезија беше мост помеѓу традицијата и современите филозофски размислувања. Тој беше најпродуктивниот и најиновативниот современ поет од Јапонија.
Неговото творештво беше насочено кон западната поезија и култура со будна археолошка свест за откривање нови за заборавени мотиви.
Таникава беше поет кој го разгоруваше огнот на размислувањата и чувствата со секој стих, кој ќе продолжи да одекнува во срцата на читателите и по неговото заминување.
Неговото заминување е неизмерна загуба, но неговото наследство ќе живее низ времето. Нека му е вечна слава.
Во продолжение прочитајте ја неговата песна ,,По смртта“.
ПО СМРТТА
Преплетени како две бесконечни песни,
си играме со празен простор,
сеќавајќи се радо на неколку нешта што ги оставаме на земјата-
дневникот што напати го пишуваме, креветот во кој спиевме,
рушевините и дивините што ги посетивме,
двата пара истоветни чевли што заедно ги износивме.
( Препев на македонски Зоран Анчевски)
На фотографијата е Шунтаро Таникава со неговиот син Кенсаку Таникава 賢作谷川, кој во име на неговиот татко го прими Златниот венец на СВП во 2022 година. Шунтаро Таникава заради неговата возраст не беше во можност физички да присуствува на Фестивалот. Фотографијата е од семејната архива.