Новости

Конкурс за најдобра песна и специјален час во училиштата по повод 21 Март – Светскиот ден на поезијата

20 февруари 2024

По повод 21 Март – Светскиот ден на поезијата Министерството за образование и наука и поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ објавуваат конкурс за избор на најдобра песна, наменет за учениците од основните и средните училишта. 

Целта на конкурсот е поттикнување на креативноста и имагинацијата на учениците и популаризација на поезијата како литературна форма и највисок јазичен израз. 

„Куќа цел свет братски ми е….“ е темата наменета за средношколците, а конкурсот е објавен на овој линк. Темата е стих од песната „Татунчо“ од Кочо Рацин и се однесува на жртвувањето и борбата за поправеден свет наспроти вообичаените очекувања и материјалистички стремежи. Но, пошироко, стихот упатува на една  поопшта идеја за космополитизмот и братството меѓу луѓето.

Темите на конкурсот за основните училишта се прилагодени според возраста на учениците:

Учениците до трето одделение можат да се пријават со лично дело на тема – „Мојата песничка – моја слика за шарен и весел свет“. За учениците од четврто до шесто одделение пак, темата е „Збор по збор – песна“, додека учениците од седмо до деветто одделение се натпреваруваат на тема „Да напишеме стих – да создадеме поубав свет”. Повеќе детали, основците можат да погледнат на следниот линк.

Министерството за образование и наука и поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ известуваат и дека во сите основни и средни училишта за време на наставата по мајчин јазик во текот на месец март, ќе се организира и еден специјален час посветен на 21 март –  Светскиот ден на поезијата, при што учениците ќе бидат запознаени со важноста на денот востановен од УНЕСКО во 1999 година и важноста на поезијата како една од најблагородните и возвишени уметности на пишаниот збор. 

Пред младите ќе бидат презентирани примери од најпознатите светски и домашни поети како и значењето на „Струшките вечери на поезијата“ како еден од најзначајните светски поетски фестивали, а ќе бидат прочитани и стихови од годинешните добитници на „Златниот венец“ и „Мостови на Струга“ како највисоки признанија кои се доделуваат на овој фестивал.