АНЕКЕ БРАСИНГА (Холандија) – Добитник на „Златен венец“ на СВП за 2026
19 март 2026Денеска (19.03.2026) во МАНУ беше прогласен добитникот на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година. Добитник на оваа престижна награда во 2026 година е холандската поетеса Анеке Брасинга.
По повод Светскиот ден на поезијата, 21 Март, секоја година во МАНУ на свечен настан, се соопштува добитникот на „Златен венец“. На настанот се обрати министерот за култура на Република Македонија, г. Зоран Љутков, кој ја истакна улогата на Струшките вечери на поезија во меѓународни рамки, како и на значењето на поетското творештво во културната размена и дијалог. Одлуката ја соопшти в.д. директорот Никола Кукунеш, а за поетиката на Анеке Брасинга краток осврт имаше уметничкиот директор Мите Стефоски. Настанот беше во соработка со Меѓународниот ПЕН и Друштвото на писателите на Македонија, чии членови по официјалното соопштување имаа поетско читање.
Во одлуката за доделувањето на наградата се вели:
На предлог од страна на Советот за доделување на наградата „Златен венец“ на СВП во состав: академик Катица Ќулавкова, академик Иван Џепаровски, универзитетски професор, Лидија Капушевска Дракулевска, универзитетски професор, Бранко Цветкоски, поет, Славе Ѓорѓо Димоски, поет , Мите Стефоски, уметнички директор на НУМ СВП и Никола Кукунеш, в.д. директор на НУМ СВП, Управниот одбор на Националната установа Манифестација Струшки вечери на поезијата на состанокот одржан на 11 февруари 2026 година во Струга едногласно донесе:
Советот на Струшките вечери на поезијата, врз основа на значењето на поетското дело на холандската поетеса Анеке Брасинга, нејзиниот исклучителен придонес во современата европска и светска поезија, како и врз основа на високите естетски вредности и влијанието на нејзиниот поетски опус, донесе одлука наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година да ѝ се додели на Анеке Брасинга за нејзиното севкупно поетско творештво.
Поезијата на Анеке Брасинга се одликува со исклучителна јазична инвентивност, богата метафоричност и силна имагинативна енергија. Нејзиниот поетски јазик е густ, барокно разигран и исполнет со неочекувани зборовни споеви, неологизми и звучни асоцијации, кои се спојуваат со филозофска длабочина и со суптилна иронија и создаваат уникатна поетска атмосфера. Критиката често ја опишува како „магионичар на јазикот“, поетеса која ја истражува границата меѓу значењето и звучноста на зборот и ја отвора поезијата кон нови јазични хоризонти. Низ своето поетско творештво и преку својата значајна преведувачка работа, Брасинга воспоставува жив дијалог со европската и светската книжевна традиција, збогатувајќи го современиот поетски јазик.
Во нејзиното творештво се преплетуваат мотивите на природата, љубовта, кревкоста на убавината и ранливоста на јазикот, како и длабоките егзистенцијални прашања за човековата судбина, меморијата и времето. Нејзината поезија често се движи меѓу реалното и надреалното, создавајќи поетски свет во кој се судираат духовното и материјалното, културата и природата, интимното искуство и универзалните теми на човечкото постоење.
Со својот оригинален поетски глас, со јазичната храброст и со длабочината на поетската мисла, Анеке Брасинга се вбројува меѓу најзначајните современи поети на холандската литература и меѓу највлијателните европски поетски гласови на нашето време. Нејзиното дело ја проширува можноста на поетскиот јазик и ја потврдува поезијата како простор на слобода, имагинација и духовно истражување.
Токму поради таа оригиналност и духовна сила, нејзиното дело е високо вреднувано со најзначајните книжевни признанија во холандската литература, потврдувајќи ја Анеке Брасинга како еден од најзначајните поетски гласови на современата европска и светска поезија.
Со оваа одлука, доделувајќи и го „Златниот венец“ за 2026 година, Струшките вечери на поезијата ја изразуваат својата почит кон исклучителниот поетски опус на Анеке Брасинга и нејзиниот траен придонес во современата светска поезија.
Анекe Брасинга е родена на 20 август 1948 година во Шарсберген. Кога имала една година, нејзините родители се преселиле во блискиот Арнхем. Шестчленото семејство живеело скромно. Како дете, Анекe сакала да стане биолог и многу пешачела низ шумите на Гелдерланд. Од 1967 година живее во Амстердам, но исто така сака да престојува и во (дивата) природа. Патувала во Индија, Исланд, Ирска и Шкотска.
Од 1967 до 1972 година, Брасинга студирала книжевен превод на Институтот за преведување при Универзитетот во Амстердам. Од 1974 година започнала да објавува нејзини преводи. Покрај импресивен број сложени романи, Брасинга преведувала и поезија од Силвија Плат, Харт Крејн, Ингеборг Бахман и Михаел Хофтман. Пишувала есеи за авторите што ги преведувала и објавувала книжевна проза.
Како книжевна прозаистка, Брасинга дебитирала под псевдонимот А. Гарденер во првиот број на списанието Ревизор (De Revisor) (1974), со текстот „Од еден дневник“. Нејзините први преводи и есеи исто така се појавиле во De Revisor — во тоа време платформа за нова генерација млади автори силно ориентирани кон странската книжевност. Како поетеса, Брасинга неформално дебитирала во 1985 година со библиофилското издание на нејзината дебитантска збирка, за која ја добила Наградата „Треванијан“. Таа збирка била вклучена во Аурора (Aurora, 1987), официјалното деби. Во 1989 година била објавена збирката Имот (Landgoed), за која Брасинга ја добила Наградата „Херман Гортер“ — поетска награда на градот Амстердам. Нејзината книга книжевна проза Клешта (Hapschaar) била наградена со ЕЦИ наградата за литература во 2001 година, поетската збирка Huisraad (1998) со Наградата „Пол Снук“ во 2001 година, а поетската збирка Видик (Verschiet) (2001) и со Наградата за поезија „Ида Герхардт“ 2002 и со престижната ВСБ награда за поезија 2002.
Нејзините песни се преведени на германски, француски, англиски, руски, унгарски и шпански јазик.
Библиографија
Поезија
- Aurora (Аурора) (1987)
- Landgoed (Имот)(1989)
- Thule (Туле) (1991)
- Zeemeeuw in boomvork (Лебед во дрвена крошна) (1994)
- Huisraad (Покуќнина) (1998)
- Verschiet (Видик) (2001)
- Timiditeiten (Срамежливост)(2003)
- Wachtwoorden. Verzamelde herziene gedichten, 1987-2003. (Лозинки) (2005)
- IJsgang (Одење по мраз) (2006)
- Ontij (Невреме) (2010)
- Het wederkerige (Взаемно) (2014)
- Verborgen tuinen (Скриени градини) (2019)
Проза
- Hartsvanger (Ловец на срца)
- Hapschaar (Клешта)
- Het zere been (Чувствително место)
- Tussen vijf en twaalf (Меѓу пет и дванаесет)
- Bloeiend puin (Расцутени урнатини) (2008)
Есеи / други
- Crudités (Свежи парчиња)
Наградата ќе ѝ биде врачена за време на фестивалот, кој годинава ќе се одржи од 24-29 јуни.

