Конкурс за наградата „Браќа Миладиновци“ во 2024 година, за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на СВП
31 мај 2024
Управниот одбор и Дирекцијата на Националната установа – Манифестација „Струшки вечери на поезијата“ – Струга распишуваат:
КОНКУРС
за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик во периодот од 1 јуни 2023 година до 31 мај 2024 година.
Критериуми за учество:
- Наградата „Браќа Миладиновци“ се доделува за поетска книга напишана и објавена на македонски јазик (во книжен или електронски облик). На конкурсот може да биде пријавена и книга објавена двојазично, каде поетското творештво на македонски е оригинално создадено, односно, не е превод од друг јазик.
- На конкурсот пријави можат да поднесат авторите или нивните издавачи со согласност од авторот.
- Еден автор или издавач може да учествува со неограничен број наслови.
- Пријавените поетски книги треба да се првообјавени во периодот за кој се доделува наградата и да не бидат претходно објавени на друг јазик.
- Избори или книги во кои има препечатени делови од други книги нема да бидат земени предвид.
- На конкурсот можат да бидат пријавени само дела од еден автор. Коавторски дела се неприфатливи.
- Книгите мора да имаат ISBN број.
- Книги од членови на УО на НУМ СВП, директорот на НУМ СВП, вработените или на членови на жири-комисијата и нивни поблиски роднини нема да бидат прифатени.
- Со учеството на конкурсот се смета дека учесниците на конкурсот се запознаени и ги прифаќаат одредбите на Договорот за доделување на наградата Браќа Миладиновци.
Услов за добивање на наградата е потпишување на Договорот за доделување на наградата Браќа Миладиновци од страна на добитникот.
Содржината на Договорот е објавена на веб страната на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ – Договор за наградата Браќа Миладиновци
Конкурсот ќе трае од денот на објавувањето до 25 јуни 2024 година.
Авторите или издавачите за учество на конкурсот мора да испратат 6 (шест) примероци од книгата на следната адреса:
НУ Манифестација„Струшки вечери на поезијата“
Поштенски фах 111
„Браќа Миладиновци“ бр.5
6330 Струга
Република Северна Македонија
Препорака: Доколку се работи за печатени публикации, покрај доставените 6 примероци од книгите, авторите или издавачите препорачливо е да ги достават и во електронска форма (во .pdf формат) на следната адреса: struga@svp.org.mk. Недоставувањето на книгите во електронски pdf формат не ги исклучува авторите или издавачите од учеството на конкурсот.
Kнигите не се враќаат.
Пријавените книги ќе ги оценува жири-комисија од пет члена, а објавувањето на резултатите ќе биде согласно Правилникот за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и Одлуката за измена на Правилникот за наградата Браќа Миладиновци кои се објавени на веб страната на установата.
Паричниот износ на наградата ќе биде дополнително определен.
Струга, Директор
Тодорче Тасевски
30.05.2024